1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Бања“ за замастените птици

Од еколошката катастрофа што се заканува во Мексиканскиот залив се загрозени многу видови животни. Во Форт Џексон, во американската сојузна држава Луизијана, е отворена првата станица за спасување на птици.

default

Птиците загрозени од нафтениот тепих

Нафтата од наоѓалиштето пред американскиот атлантски брег и натаму се излева во океанот по потонувањето на платформата за црпење нафта, се’ уште не е изнајден начин како да се затнат буштините во морските длабочини. На брегот, пак, под полна пареа се одвиваат спасувачките активности: се поставуваат километри долги пловечки бариери за да спречат нафтениот тепих да стигне до брегот. Од еколошката катастрофа што се заканува во Мексиканскиот залив се загрозени многу видови животни. Во Форт Џексон, во американската сојузна држава Луизијана, е отворена првата станица за спасување на птици.

Flash-Galerie Ölpest USA

Спас за птиците

Каменест прашлив пат води од автопатот кон Форт Џексон. Таму деновиве очекуваат многу засилен сообраќај, оти тука се наоѓа една огромна хала, која набрзина беше претворена во пункт за чистење на птици.

Спасените, прифатени птици се транспортираат овде и се подложени на третман на чистење, објаснува Том Меккензи од американските власти за рибарство. Ова не е негов прв ангажман во еколошки катастрофи, но овој е различен, вели тој.

„За несреќа од вакви размери речиси сме неподготвени. Не може целиот брег да се заштити од нафтата со пловечки пластични бариери“.

При силен ветер и големи бранови водата загадена со нафта се прелева преку бариерите. Заштитниците на животните сметаат дека од нафтата ќе бидат зафатени многу птици, но тие се подготвени.

Во магацинската хала се наоѓаат огромни метални лавабоа, зад нив кутии полни со средство за миење. Активистите носат до рамо долги жолти гумени ракавици и сини престилки за да се штитат себе си од отровните материи. Првиот гостин во оваа станица за чистење беше една морска птица голема како гуска. Во меѓувреме е измиена од нафтата, завитката во сина крпа и една соработничка ја држи под мишка. Процедурата на чистење е екстремно стресна за птиците, објаснува ветеринарот Ерика Милер, поради што нив ги мијат само еднаш, но темелно.

„Нафтата е прилично густа, тешко се отстранува, но можеме да ги ослободиме птиците од неа“.

Птиците се негуваат десетина денови, со многу течност и со едно средство против проблеми во желудникот.

Flash-Galerie Ölpest USA

Да не и‘ се наштетува дополнително на природната околина

Луѓето не смеат во никој случај сами да се обидуваат да ги чистат животните, предупредува Џеј Халкам, директор на Меѓународниот истражувачки центар за спасување птици. Тешко да има некој со поголемо искуство од него во тој поглед.

„Во влажните региони овде е потешко птиците воопшто да се пронајдат. Ние не сакаме дополнително да и’ наштетиме на природната околина. Освен тоа, овде пеликаните полагат јајца и ние ќе избегнуваме да талкаме наоколу барајќи од нафтата замастени птици - значи, има неколку ограничувања“, вели Халкам.

Уште не е јасно на колку птици тој и колегите ќе им укажат помош во наредните денови, ниту пак каде треба да бидат однесени исчистените животни. Во секој случај, подготвени се безброј картонски кутии за транспорт, на кои стои напишано: „Го сакам моето животно“.

Автор: Никол Марквалд/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска