1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајер се зацврсти на чело на Бундеслигата

Хамбург и Вердер заостануваат на чело на табелата по нерешените исходи во 12-то коло на Бундеслигата. Баерн продолжува да тоне, Херта останува на дното. Николче Новески го „намести“ голот за Мајнц.

default

Кислинг прославува по победата на Бајер над Ајнтрахт

Бајер Леверкузен се зацврсти на чело на табелата во германската Буденслига по победата на домашен терен над Ајнтрахт од Франкфурт со 4:0. Мечот беше решен уште во првите 11 минути, кога домаќините на трипати ја затресоа мрежата на тимот од Франкфурт, за кој повторно не настапи македонскиот репрезентативец Александар Васоски.

Шанса да му се приближи на само еден бод на лидерот на табелата, во недела имаше Хамбург. Во „северното дерби“ на гостувањето кај Хановер, фудбалерите на Хамбург на двапати водеа, но на крајот мораа да се задоволат со еден бод. Мечот го одлучи пеналот за домаќините досуден во 88 минута, кој го реализираше Штајнер за 2:2. Тренерот на Хамбург, Бруно Лабадиа имаше многу забелешки на судењето:

Bruno Labbadia

Бруно Лабадиа (Хамбург) беше незадоволен од судењето против Хановер

„Мислам дека во второто полувреме секоја одлука беше против нас, и тоа не беше добро. Но, најпрво треба да жалиме за нашите шанси. Имавме можности да го решиме натпреварот при водство од 2:1, но не го сторивме тоа. Затоа сум лут.“

Дуелот на дното во полза на Келн

Хамбург веќе еден месец е без победа во Бундеслигата, а има ист број бодови како и Вердер, кој во последно време влезе во серија од неколку победи. Во неделата, и тимот од Бремен мораше да се задоволи со еден бод на своето конто, иако ја продолжи серијата од 18 натпревари без пораз. Од Бремен со еден бод успеа да замине тимот на Борусија Дортмунд, по конечните 1:1.

Дуелот на дното, во неделата се играше во Берлин, каде Херта му беше домаќин на Келн. Еден гол на капитенот на гостите Миливоје Новаковиќ беше доволен за Келн да си замине со трите бода и да се искачи на 13-то место. Сепак, Новаковиќ не беше задоволен од прикажаното.

„Тоа беше среќна победа. Мислам дека игравме компактно, но тоа не е она што го посакуваме. Но, овие три бода ни‘ даваат самодоверба за наредните две недели, за да ја најдеме вистинската игра.“

Обидот на рекордерот Бајерн Минхен да се приближи до врвот на табелата доживеа уште еден неуспех во саботата, откако баварците одиграа само 1:1 на домашен терен против Шалке. По неуспесите и во Лигата на шампионите, тренерот Луј Ван Хал е под се‘ поголем притисок и со право беше незадоволен од настапот на неговиот тим:

Fußball Bundesliga - FC Bayern Muenchen gegen FC Schalke 04

Радоста кратко траеше! Фан Бојтен го прославува голот против Шалке

„Беше фрустрирачки што не постигнавме гол во второто полувреме. Мислам дека тоа го заслуживме“, рече Ван Хал, кој призна дека е разочаран поради неуспехот против Шалке.

Мајнц продолжува со добри игри

Актуелниот шампион, тимот на Волфсбург успеа да слави на гостувањето кај незгодниот тим на Хофенхајм со 2:1. Тоа беше прв пораз дома за Хофенхајм сезонава, доживеан, и покрај раното водство од 1:0. Заостатокот зад лидерот на табелата Бајер, сега е само шест бода, и тоа му дава причини за оптимизам на тренерот на Волфсбург, Армин Фе:

„Во првото полувреме не прикажавме игра која ја посакувам, но во второто полувреме тоа беше сосема поинаква претстава. Од првата минута бевме агресивни, имавме контрола на топката, добро напаѓавме и требаше да постигнеме уште некој гол. Се’ на се’, сметам дека ја заслуживме победата со играта во второто полувреме.“

Мајнц продолжува со добрите игри сезонава. Пред домашните навивачи забележана е уште победа, минимална од 1:0, над Нирнберг. Во акцијата која му претходеше на погодокот на Сото, учествуваше и Николче Новески. Со трите бода, Мајнц се искачи на шестото место на табелата.

Nikolce Noveski im Eigentorpech

Неговиот Мајнц стигна до нова победа- Николче Новески

По позитивниот резултат во Лигата на шампионите, Штутгарт извлече среќно реми на гостувањето во Менхенгладбах. Конечните 0:0 можат да се сметаат за неуспех на домашната Борусија, чии играчи промашија многу шанси да му го нанесат и седмиот пораз на Штутгарт сезонава.

Новиот тренер на Бохум, Хајко Херлих ни во вториот натпревар на клупата не успеа да го освои првиот бод. Поразот на домашен терен од Фрајбург од 2:1, беше особено тежок, затоа што гостите победничкиот гол го постигнаа во последната минута од мечот. Херлих по мечот изјави дека има разбирање за незадоволството на навивачите, откако тимот падна на претпоследното место на табелата, со само четири бода предност пред „фенерџијата“ Херта.

Со победа на поени до тронот

Британецот Дејвид Хеј е нов шампион во боксерската ВБА верзија, откако во саботата во германскиот град Нирнберг, во меч од 12 рунди на поени го победи досегашниот носител на

Boxen David Haye Nikolai Valuev

„Давид“ го совлада „Голијат“- момент од мечот Хеј-Валуев

шампионскиот појас, Русинот Николај Валуев. До победата Хеј стигна откако судиите на поени донесоа одлука за негов триумф. Ова за 29-годишниот Британецот беше 23 победа во 24 меча, од кои 21 триумф има со „нокаут“.

Досегашниот шампион 36 годишниот Валуев го претрпе вториот пораз во 53-тиот меч. Валуев беше апсолутен фаворит во мечот, имајќи предвид дека е околу 45 килограми потежок и речиси 30 сантиметри повисок од ривалот. Борбата на „Давид и Голијат“ како што ја нарекоа медиумите, сепак, му припадна на британецот, кој веднаш по мечот побара да му бидат закажани борби со браќата Кличко, кои се актуелни шампиони во останатите две верзии во оваа категорија.

Автор: Оливија Фриц / дв / ард / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска