1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн ја обезбеди титулата

Бајерн ја слави шампионската титула, главниот град на Германија останува без прволигаш- претпоследното коло од годинашното првенство во фудбалската Бундеслига донесе разврска во борбата за првото место.

default

Заслужена радост на екипата од Минхен

Бајерн во Минхен суверено ја одработи задачата - го победи Бохум, кој жилаво се бори за опстанок, со 3 спрема 1, а Шалке дома не го издржа притисокот, па по поразот од Вердер со 2 спрема 0 ќе биде само вицешампион.

„Очекував дека Шалке нема да победи. Ги поканив моите две ќерки, внуците - ова е убава вечер“, зборуваше во саботата по натпреварот тренерот на Бајерн, Холанѓанецот Луј ван Гал.

Сите три гола за Бајерн ги постигна 20-годишниот Томас Милер.

„Ова е сон за секој фудбалер. Многумина со години работат за било кога да бидат прваци на Германија и се разбира дека е извонредно чувство што мене тоа ми се случи веќе во првата сезона. Мене ми се исполни еден сон, но сега сакам и натаму да сонувам“, изјави централната линост на средбата.

Пропуштена шанса

Шалке заостанува три бода зад Бајерн, но гол-разликата на тимот од Минхен е подобра за 17 голови, па шансите на „сините“ од Гелзенкирхен, по повеќе од 50-години повторно да и’ се израдуваат на титулата се само во сферата на теоријата.

„Погледнато за целата сезона, ние можеме да се чувствуваме како победници. Многу инвестиравме во првенството, дадовме се’ од себе и заслужено се изборивме за второто место. Среќни и горди сме што остваривме директно учество во Лигата на шампионите“, изјави голманот на Шалке, репрезентативецот Мануел Нојер.

Слично гледа на работите и тренерот Феликс Магат:

„Јас сум пресреќен што стигнавме до Лигата на шампионите. Тоа не го сметавме за можно, дури ни јас исто така“.

Вердер од Бремен со победата во Гелзенкирхен се искачи на третото место, кое исто така нуди учество во Лигата на шампионите, но преку квалификации.

За тоа место се бореше и Бајер Леверкузен, но по нерешениот исход дома, 1 спрема 1 против Херта, обете екипи можат да се чувствуваат како губитници: за Бајер Лигата на шампионите станува недостижна, Херта испаѓа од лигата, со што Берлин ќе биде единствениот главен град во Европа без фудбалски прволигаш. Занимливо е дека Херта играше добро во финишот на првенството, но едноставно тоа не го преточи и во соодветни резултати и бодови.

Bundesliga Spieltag 33 Leverkusen - Berlin Flash-Galerie

Од натпреварот Бајер Леверкузен и Херта

„Играта беше симболична за целиот втор дел од првенството - на многу натпревари ние бевме рамноправни, понекогаш и подобри, но не ги искористивме прекрасните гол-шанси, па мораме да одиме на горчливиот пат во Втората лига. Тоа ќе го направиме со крената глава“, прокоментира тренерот на Херта, Фридхелм Функел.

Ни другиот кандидат за третото место, Борусија Дортмунд, дома не постигна повеќе од 1 спрема 1 против ланскиот првак Волфсбург.

Зацврстувања и неизвесност

Штутгарт исто така не ја искористи предноста на домашниот терен, но треба дури и да биде задоволен со нерешениот исход од 2 спрема 2, откако Мајнц поведе со 2 спрема 0. Шестото место на кое моментно се наоѓа Штутгарт води во Европската лига. Но, тука конкурент му е Хамбургер, кој како да се разбуди од сон и со победата од 4 спрема 0 му ги влоши изгледите на Нирнберг во борбата за опстанок.

Таму, пак, решавачки чекор направи Фрајбург - го обезбеди опстанокот со нерешениот исход 2 спрема 2 во Келн. Разбирлива беше радоста на тренерот Робин Дут.

„Успеавме да направиме пресврт против Келн кој водеше со 1 спрема 0 и се бореше, за разлика од некои други прволигаши, па не ни беше едноставно. Заслужува секакво признание што го обезбедивме опстанокот едно коло пред крајот и јас сум вистински горд на моите момчиња“.

За Хановер од големо значење во борбата за опстанок спроти последното коло е подобрената гол-разлика по високата победа од 6 спрема 1 против Борусија Менхенгладбах. В сабота во директен дуел Бохум и Хановер го решаваат прашањето за опстанокот.

Конечно, во средба која немаше посебно значење, Ајнтрахт во Франкфурт загуби од Хофенхајм со 2 спрема 1.

Инаку, во наредната сезона во Бундеслигата ќе играат Кајзерслаутерн и Занкт Паули, додека Аугсбург ќе се обиде да им се придружи по одмерувањето на силите со екипата која на крајот ќе биде 16-топласирана во Бундеслигата.

Холгер Станилавски, тренер на Занкт Паули, не планира поголеми засилувања за во првата лига:

„Мислам дека овој колектив севкупно - екипата, клубот, навивачите, функционираше многу добро и сега некое време ќе ги уживаме тие моменти, а потоа ќе им се вратиме на нашите задачи за да презентираме силен тим и во Бундеслигата“.

Турбина останува шампион

Екипата на Турбина од Потсдам ја одбрани шампионската титула во фудбал за жени. Турбина беше првак и во 2004 и 2006 година. Сезоната може уште да ја збогати: на тимот му претстои и финалето во Лигата на шампиони за женски екипи во шпанскиот град Гетафе против Олимпик од Лион.

„Ние сите се радуваме и со шампионската титула мислам дека се ослободивме од голем притисок. Сметам дека сега имаме најдобри шанси да ја освоите и Лигата на шампиони и со радост го очекуваме тоа“, вели Ања Митаг, фудбалерка на Турбина.

Автор: ЗЈ/ЖА/дв/дпа/ап

Редактор: Жана Ацеска