1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн ја зголеми предност на врвот на Бундеслигата

Лидерот на табелата Бајерн Минхен се врати на победничките патеки, а бранителот на титулата Дортмунд по киксот во Штутгарт го загуби второто место на табелата. Келн со нова победа се зацврсти на средината на табелата

default

Тони Крос и Бастијан Швајнштајгер ја прославуваат победата на Бајерн

Бајерн Минхен се врати по поразот од Хановер минатото коло со убедлива победа во 183-то баварско дерби против Нирнберг од 4:0. Со трите бода, Бајерн ја зголеми предноста на врвот на табелата на 4 бода пред Шалке.

„Конечниот резултат кажува се’. Ние сме задоволни што дојдовме во брзо водство, и потоа добивме на сигурност. Од почетокот до крајот бевме подобар тим“, изјави Тони Крос од Бајерн.

На второто место на табелата се искачи Шалке по победата од 3:1 над Хофенхајм. Двоен стрелец беше Холанѓанецот Клас-Јан Хунтелар.

„Одиме напред и тоа е добро за самодовербата на тимот. Постојано се подобруваме и тоа е многу важно“, рече Хунтелар.

Само бод за Дортмунд

FC Schalke 04 1899 Hoffenheim Klaas-Jan Huntelaar

Клас-Јан Хунтелар

Бранителот на титулата Борусија Дортмунд стигна само до бод на гостувањето кај Штутгарт и заостанува пет бода зад Бајерн. Тренерот Јирген Клоп беше задоволен со конечните 1:1.

„Задоволен сум со еден бод. Штутгарт денеска беше многу силен. Имавме повеќе од играта кон крајот на мечот и повеќе чисти шанси. Немаше да биде незаслужено и да победевме, но и нерешено е во ред“, рече Клоп.

Вердер Бремен по победата на гостувањето кај Мајнц од 3:1 скокна на четвртото место на табелата. Со петиот пораз, Мајнц се најде во зоната за испаѓање.

Борусија Менхенгладбах со победата од 2:1 над Хановер се израмни по бројот на бодовите со Дортмунд и Вердер на петтото место. Поранешниот играч на Хановер, Мајк Ханке смета дека тоа беше добар резултат.

„Хановер не е тим кој можете туку така да го победите. Тие играат европски, на крајот извршија голем притисок врз нашиот гол, но ние пропуштивме можност и за трет гол“, рече Ханке.

Новакот во лигата, Херта победи на гостувањето кај Волфсбург со 3:2. Волфсбург успеваше на двапати да го анулира водството на гостите од Берлин, но на крајот остана со празни раце.

Хамбургер дарежлив дома

Во неделата, Келн забележа многу важна победа над Аугсбург од 3:0 и се зацврсти на средината на табелата. Ѕвезда на мечот повторно беше репрезентативецот Лукас Подолски со два погодока. Неговиот тимски колега Саша Ритер беше презадоволен.

1. Fußball Bundesliga 1. FC Köln gegen Hannover 96

Лукас Подолски

„Мислам дека игравме навистина добро. Знаевме дека ќе биде тежок меч. Аугсбург играше во добра форма во последно време, но ние денеска заслужено славевме“, изјави Ритер.

Во долниот дел од табелата, тимот на Хамбургер и по 11-то коло се уште чека на првата победа пред домашните навивачи. Со новиот тренер Торстен Финк, Хамбургер стигна само до 1:1 против Кајзерслаутерн, но треба да се напомене дека речиси 70-минути од мечот го играше со играч помалку по исклучувањето на Рајковиќ.

Во петокот, Бајер Леверкузен го совлада Фрајбург нагости со 1:0.

Автор: Кале Копс/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски