Бајерн почна да „гази“, Борусија се’ уште се загрева | Теми | DW | 03.09.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн почна да „гази“, Борусија се’ уште се загрева

Убедливи победи на Бајерн Минхен и на Хановер во финишот на второто коло од Бундеслигата. Изненадување на врвот на табелата е Ајнтрахт, кој ја постигна и втората победа по враќањето во првата лига.

Убедлива победа од 6:1 за Бајерн Минхен против тимот на Штутгарт, и високи 4:0 за Хановер на гостувањето кај Волфсбург е епилогот по одигрувањето на последните два натпревара од 2.коло во Германскиот фудбалски шампионат.

Бајерн пред своите навивачи за точно 19 минути го прегази Штутгарт, кој поведе со голот на Харник во 25. минута. Серијата за домаќините потоа ја отвори Милер во 32. минута, а до 51. на листата на стрелци се наредија и Крос, Густаво, Манџукиќ и Швајнштајгер, за Милер да стави точка на мечот.

Во Волфсбург, катастрофа за скапиот тим на домаќините предводен од Феликс Магат на клупата. Хановер му одржа лекција од брз, контра-напаѓачки фудбал на Волфсбург, а головите, по два во првото и во второто полувреме, ги постигнаа Хагуи, на двапати Собјиш и Андреасен.

1. FC Nürnberg - Borussia Dortmund

Момент од дуелот Нирнберг-Борусија (Д)

Во саботата, актуелниот првак Борусија Дортмунд ги загуби првите бодови сезонава, откако одигра само нерешено 1:1 на гостувањето кај Нирнберг. Домаќините поведоа преку Пекхарт во 31. минута, а конечниот резултат го постигна Блажиковски девет минути подоцна.

Ајнтрахт од Франкфурт ја забележа и втората победа по враќањето во прволигашкото друштво и го дели врвот на табелата со Бајерн Минхен. Ајнтрахт беше убедлив на гостувањето кај анемичниот тим на Хофенхајм и победи со 4:0. Хофенхајм го дели дното на табелата со Штутгарт, откако и двата тима останаа без бодови во првите две кола.

Дербито на северот за Вердер

Во дербито на северот Вердер беше поуспешен на домашен терен од Хамбургер и славеше со 2:0. Победата на тимот од Бремен можеше да биде и поубедлива, но Хант не успеа да реализира еден од двата досудени пенали за неговиот тим. Вториот погодок за Вердер беше дело на Петерсен. И покрај најавите, за Хамбургер не дебитираше повратникот во тимот Рафаел фан дер Фарт.

Екипите на Шалке и Бајер Леверкузен имаа релативно лесни задачи и дојдоа до чисти победи во дуелите против Аугсбург и Фрајбург пред своите навивачи. Во Гелзенкирхен, Шалке славеше со 3:1 со головите на Хунтелар, Пападопулос и и Џоунс, додека почесниот погодок за Аугсбург го постигна Ерл.

1. FC Nürnberg - Borussia Dortmund

Момент од дуелот Нирнберг-Борусија (Д)

Во Леверкузен, Кастро во првото и Волшид во второто полувреме се погрижија за првите три бода за Бајер сезонава.

Уште едно локално дерби се одигра во Диселдорф и тоа по пауза од 15 години. Иако заврши без голови, дуелот меѓу Фортуна и Борусија Менхенгладбах донесе многу возбудувања и напаѓачка игра.

Во петочниот дуел, новајлијата Гројтер Фирт изненади на гостувањето во Мајнц и однесе минимална победа од 0:1. Стрелец на единствениот погодок беше Клаус во 67. минута.