1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн на врвот на табелата

Сезоната е се` уште на самиот почеток, но нејзините контури веќе стануваат јасни. Бајерн, Шалке и Вердер се издвоија на врвот на табелата, додека Хамбургер го очекува тешка битка за опстанок

default

Фудбалерите на Бајерн го прославуваат хет-трикот на Марио Гомез

Во дербито на колото бранителот на титулата Борусија Дортмунд и минатогодишниот вицепрвак Бајер Леверкузен одиграа без голови. Во интересен натпревар, обата тима не успеаја да ги искористат своите шанси. Мечот го одбележаа двата црвени картони. Најпрво беше исклучен Кадлец од Леверкузен, а потоа истата судбина го снајде и Марио Геце од Дортмунд. Според бранителот на Дортмунд, Матс Хумелс нема причина за незадоволство од резултатот.

„Имавме фази во кои бевме доста добри, но и фази во кои ни одеше потешко. Но тоа не треба да изненадува затоа што Леверкузен има одлични офанзивни играчи. И кога се игра со високо темпо, понекогаш е тешко да се брани. Се на се, беше добро, иако веројатно можевме и подобро да одиграме“.

Вердер се враќа во форма

Бајерн Минхен го запоседна врвот на табелата по триумфот од 3:0 на гостувањето кај Кајзерслаутерн. Трите гола ги постигна Марио Гомез, два од пенал и еден од игра. Најдобар играч на мечот сепак беше Томас Милер:

„Беше забавно денеска. Од почеток до крај игравме добро, можеби во првиот дел можевме да постигнеме и уште некој гол. Она што е најважно е дека одбраната одигра одлично. Презадоволен сум“.

По подолго време и Вердер се најде при врвот на табелата. Тимот од Бремен среќно победи кај Хофенхајм, но не и незаслужено.

„Секој успех е значаен, а особено е добро тоа што уште на почетокот на сезоната освојуваме бодови и се наоѓаме на добро место на табелата. Тоа секако ни дава и поголема самодоверба“, изјави тренерот на Вердер, Томас Шаф.

Волфсбург реди порази и нови играчи

Fussball 1. Bundesliga Saison 2011 2012 4. Spieltag SC Freiburg gegen VfL Wolfsburg

Зелените од Волфсбург уште еднаш се посрамотија

Во тимот на Волфсбург поразите се редат паралелно со новите играчи кои речиси секојдневно пристигнуваат во клубот. Третиот пораз по ред на „волците“, овојпат од 3:0  дојде на гостувањето кај Фрајбург.

Нирнберг со многу мака ја забележа втората победа сезонава. Во малото баварско дерби против Аугсбург, Нирнберг беше поуспешен со 1:0.

„Морам да му упатам комплименти на мојот млад тим, особено затоа што имаа трпение да ја чекаат вистинската шанса. Не беше едноставно, ниту лесно. Во дефанзивата игравме добро, но нападот не функционираше. Затоа треба да сме задоволни и среќни што стигнавме до 1:0“, изјави тренерот на Нирнберг, Дитер Хекинг.

По спектакуларниот пораз на домашен терен од Келн, Хамбургер е нов фенерџија на табелата. Хамбургер водеше со 3:2 до пред крајот на мечот, но во последните 6 минути гостите со два гола си заминаа со трите бода.

„Не можам да го сфатам сево ова. Ова беше еден рингишпил на емоции. Неверојатно е колку напорно работевме, сите играчи дадоа се од себе. И на крајот ни се случија такви грешки. Ми недостигаат зборови да го објаснам сево ова“, изјави репрезентативниот бек на Хамбургер, Денис Аого.

Раул уште еднаш го спаси Шалке

Flash-Galerie Bundesliga FC Schalke 04 - Borussia Moenchengladbach

Раул (Ш) во дуел со Данте (Бм)

Навивачите на Шалке со право се одушевени што во тимот имаат фудбалер од типот на Раул, а воодушевувањето сега почнаа отворено да го искажуваат и неговите соиграчи. Раул го постигна единствениот гол во неделното дерби против Борусија Менхенгладбах, доволен за победа на домашен терен.

„Доволно е да го кажете името Раул за да знаете што значи тоа. И ние играчите и навивачите сме пресреќни што имаме играч како него. Уживаме со него секој ден, а помладите играчи и тоа како можат многу да научат од него. Доколку сакате да дефинирате инстинкт за гол, тоа е тој“, рече голманот на Шалке, Ралф Ферман.

Во неделата, Хановер и Мајнц ги поделија бодовите играјќи 1:1. Во петокот, Херта во Берлин ја забележа првата победа во првенството, совладувајќи го Штутгарт со 1:0.

Автор: Јошка Фишер/Борис Георгиевски

Редактор: Трајче Тосев