1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн Минхен се погрижи за речиси недостижна предност на Борусија

Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен се победници на 30 коло од Бундеслигата. Навивачите на Борусија еднакво ја славеа како победата на нивните миленици, така и онаа на Минхенчани против второпласираниот Бајер Леверкузен.

default

Навивачите на Борусија Дортмунд веќе почнаа да ја слават титулата

Борусија од Дортмунд сега веќе речиси и да не може да биде запрена на патот кон шампионската титула. Уште една победа наредниот викенд во Менхенгладбах и тоа е тоа, се разбира под услов Бајер Леверкузен да не освои три поени. По вчерашната победа од 3:0 во Дортмунд против екипата на Фрајбург, навивачите на трибините веќе ја славеа омилената Борусија како нов германски првак. Стрелецот на последниот гол Кевин Гроскројц по мечот со шампионски пресметки:

„Ова не можам да го опишам. Пресреќен сум. Имаме осум поени предност пред Леверкузен. Мораме да освоиме уште четири поени за титулата. Веќе се радувам за наредниот натпревар во Менхенгладбах“.

Бајер Леверкузен на чело со тренерот Јуп Хајнкес можеше да ја направи трката за титулата понапрегната, меѓутоа „вечно вториот“ беше вистински декласиран вчера попладне во Минхен. Конкурентот на Дортмунд загуби со 5:1 против Бајерн, каде Хајнкес ќе работи наредната година. Тоа меѓутоа не му го направи поразот поподнослив:

Trainer Jupp Heynckes

Лош ден во „Алијанц арената“ за идниот тренер на Бајерн Минхен, Јуп Хајнкес

„Секогаш ми било тешко по поразите, особено ако се загуби 5:1. Мислам дека ова денес беше и психолошки многу тежок натпревар за нас“, изјави Хајнкес.

Дојде времето на калкулаторите

Од второто место надолу меѓутоа останува неизвесносно, а навивачите полека ги вадат калкулаторите - колку поени се доволни за европските натпреварувања, колку за опстанок во лигата? Бајерн Минхен, имено, со вчерашната победа повторно го зазеде третото место кое води во квалификациите за Лигата на шампионите, меѓутоа трката со Хановер, кој одигра само 0:0 во северното дерби против Хамбургер, и натаму продолжува. Во битката за опстанок изгледа како новите тренери да ја загубија магијата.

Fußball 1. Bundesliga Saison 2010 2011 30. Spieltag VfL Wolfsburg-FC St. Pauli Trainer Felix Magath

Каде е магијата на Феликс Магат?

Феликс Магат и неговиот Волфсбург со многу среќа освоија само бод пред домашната публика во дербито на дното со Санкт Паули. Јан Полак со доцниот изедначувачки гол му осигура еден бод на Волфсбург:

„Мора да се радуваме, иако на крајот немаше многу време. Сакавме да ги искористиме последните минути за победнички гол, но за жал тоа не ни успеа“.

И на новиот тренер на Ајнтрахт Франкфурт, Кристоф Даум, очајнички му е потребна победа, но на „големиот мотиватор“, како што го нарекуваат, и по третиот меч на чело на тимот не му успеа тоа. Во Хофенхајм напротив Ајнтрахт доживеа тесен пораз од 1:0:

„Честитики до Хофенхајм за оваа победа. Натпреварите се одлучуваат со голови, а гол постигна Хофенхајм и затоа честитки“, изјави нерасположениот Даум по саботниот меч.

Менхенгладбах само уште со теоретски шанси за опстанок

Во битката на дното на табелата важни три бода меѓутоа освои Штутгарт и тоа на гостувањето кај исто така од испаѓање загрозениот Келн. 3:1 гласеше резултатот кој ја прекина рекордната серија од седум победи по ред на домашен терен на Келн.

Горчлив пораз во битката за опстанок во лигата на домашен терен доживеа и Кајрзерслаутерн. Во пролетниот дел од сезоната извонредниот Нирнберг славеше со 2:0 и може дури да размислува и за европските натпреварувања. Целта е петтото место, кое меѓутоа го држи Мајнц, чиј капитен е македонскиот репрезентативец Николче Новески. Тој поради минатонеделниот црвен картон не настапи на петочниот натпревар на домашен терен, во кој минимално со 1:0 беше совладана последно пласираната Борусија Менхенгладбах, чии шанси за опстанок се сега само теоретски.

И конечно „новите еурофајтери“, како што сега ги нарекуваат фудбалерите на Шалке по спектакуларната елиминација на Интер од Лигата на шампионите во саботата одиграа добар натпревар во Бремен против Вердер, кој меѓутоа заврши нерешено 1:1.

Автор: Оливија Фриц/ Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски