1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн и Борусија се менуваат на врвот

Уште една бледа партија на Бајерн, и ново извонредно издание на Борусија. Фудбалерите на Брауншвајг го постигнаа првиот гол за својот клуб на домашен терен во прволигашка конкуренција по пауза од 28 години.

Го чекаа полни 28 години, и го дочекаа по 70 минути игра на мечот против Нирнберг. Навивачите на Брауншвајг конечно, по 28 години, се израдуваа на гол на своите љубимци на домашниот терен. Брауншвајг годинава се врати во Бундеслигата по долги години минати во пониските рангови. Иако се очекуваше победа во дуелот против Нирнберг, сепак навивачите на крајот беа задоволни и со првиот освоен бод сезонава во петтото коло, по конечните 1:1. Голот на Елабделауи го анулираше водечкиот гол за Нирнберг кој го постигна Хлушек. Брауншвајг остана на последното место на табелата со еден освоен бод, а Нирнберг е две места погоре со вкупно 3 бода.

Fußball Bundesliga Eintracht Braunschweig gegen 1. FC Nürnberg

Радост на фудбалерите на Брауншвајг по постигнувањето на израмнувачкиот гол

Во вториот неделен меч, по малку и изненадувачки, Хофенхајм ја совлада Борусија Менхенгладбах пред своите навивачи со 2:1 Головите на Фоланд и Модест го искачија Хофенхајм, кој лани се бореше за опстанок, на седмата позиција на табелата. Разочарувачкиот ден за Менхенгладбах донекаде го разведри убавиот почесен погодок на Хргота.

Блескава Борусија (Д)

Саботните мечеви донесоа нови победи на главните кандидати за титулата, Бајерн Минхен и Борусија Дортмунд. Бајерн пред своите навивачи во Минхен повторно одигра бледа партија, а головите на одлука ги постигнаа Манџукиќ и Рибери во вториот дел. За разлика од баварците, повторно блесна младиот тим на Дортмунд кој со шест голови во мрежата го „нагости“ тимот на Хамбург. Уште една одлична партија пружија двете овосезонски засилувања Михтарјан и Обамејанг, а во конечните 6:2 свој удел имаше и Левандовски со два погодока. Борусија (Д) го задржа врвот на табелата со стопроцентен учинок од пет победи, а Бајерн е втор со два бода помалку.

И останатите два германски тима кои сезонава ќе се натпреваруваат во Лигата на шампионите, Бајер Леверкузен и Шалке имаа успешна „проба“ пред премиерните дуели неделава. Бајер пред своите навивачи го совлада Волфсбург со 3:1, а главната улога повторно ја имаше напаѓачот Кислинг со два постигнати гола. Шалке, пак, беше успешен на гостувањето кај Мајнц, совладувајќи го тимот на македонскиот капитен Николче Новески со минимални 1:0. Стрелец на голот беше засилувањето од преодниот рок, Боатенг.

Fußball Bundesliga FSV Mainz 05 gegen FC Schalke 04

Момент од дуелот Мајнц- Шалке

По добриот старт, тимот на Вердер полека им се враќа на старите, лоши, навики. Во саботата од Бремен бодовите ги однесе тимот на Ајнтрахт Франкфурт и тоа со победа од убедливи 3:0. Поголемиот дел од мечот Вердер го одигра со играч помалку по исклучувањето на Ди Санто. Два гола за гостите постигна Чехот, Вацлав Кадлец.

Аугсбург постигна драматична победа од 2:1 во дуелот против Фрајбург, трета едноподруго во првенството. Победничкиот гол го постигна Вернер во 90. минута.

Во петокот, на отворањето на петтото коло, Штутгарт како гостин ја совлада Херта во Берлин со 1:0. Единствениот гол, кој му ја донесе и втората победа на вториот натпревар на привремениот тренер Томас Шнајдер, беше дело на Гентнер.