1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Бајерн во полуфиналето на Лигата на шампионите

За првпат по 7 години во полуфиналето ќе нема британска екипа, а виновник за тоа е екипата на Бајерн Минхен, која синоќа го елиминираше Манчестер Јунајтед. Двојките во полуфиналето се Бајерн - Лион и Интер - Барселона.

default

Ван Бомел и Швајнштајгер го прославуваат пласманот во полуфиналето

Арјен Робен го одведе Бајерн Минхен во полуфиналето на Лигата на шампионите, за првпат по освојувањето на титулата во 2001 година. Неговиот погодок од соништата во 74-та минута, значеше пораз од 3:2, но и победа во севкупниот биланс по двомечот со англискиот првак. Манчестер Јунајтед убедливо го почна натпреварот и поведе со 3:0. Робен вели дека ни самиот не верувал оти потоа е можен пресврт. „Морам да бидам искрен, по минусот од 3:0 и јас помислив дека ова ќе биде една многу лоша ноќ“, изјави Робен по мечот.

Но, Бајерн среќно се врати во игра со погодокот на Олиќ на истекот на првото полувреме. Потоа задачата беше олеснета со исклучувањето на Рафаел на почетокот на второто. Тренерот на Манчестер, Алекс Фергусон по мечот ги обвини играчите на Бајерн дека му кумувале на вториот жолт картон за младиот Бразилец. Стратегот на Бајерн, Луис Ван Хал ги отфрли ваквите обвинувања. Тој оцени дека неговиот тим бил далеку подобар од Манчестер во вториот дел. „Првото полувреме не беше добро и тоа мора да го подобриме. Но горд сум што по дефицитот од 3:0, во второто полувреме одигравме една одлична партија“, рече Ван Хал.

Fußball Bayern München Manchester United April 2010

Постигна мајсторски погодок: Арјен Робен

Во полуфиналето Бајерн се среќава со Олимпик Лион, кој беше подобар во францускиот двомеч против Бордо. По победата од 3:1 на домашен терен, Лион синоќа загуби со минимални 1:0 што беше доволно за понатамошен пласман.

Во вториот двомеч за пласман во финалето ќе се борат Интер и Барселона, кои во четвртфиналните дуели беа поуспешни од ЦСКА и Арсенал. Натпреварите се на програмата на 21 и 22, а реваншите на 27 и 28 април.

Автор: БГ/ЖА/дв

Редактор: Александра Трајковска