1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Баумгартнер мислел како жив да се врати на Земјата

Австрискиот екстремен спортист Феликс Баумгартнер вчера стана првото лице кое успеало со слободен пад да го пробие звучниот ѕид, скокајќи успешно од висина од 39.045 метри.

Со скокот од работ на вселената тој собори рекорди стар 50-ина години.

„Додека стоев на покривот на светот не размислував за рекорди, туку за тоа жив да се вратам на земјата. Некогаш морате да одите многу високо, за да видите колку сте мали“, рече 43-годишниот Баумгартнер на прес-конференција по успешното приземјување со падобран.

Според организаторите, со скокот од капсулата, крената на висина поголема од 39 километри со помош на балон на хелиум, тој достигнал брзина од 1.342 километри на час, или 1,24 пати побрзо од брзината на звукот. Слободниот пад траеше четири минути и дваесет секунди, пред Баумгартнер да го отвори својот црвен падобран и да слета во пустина во американската сојузна држава Ново Мексико.

„Мислам дека ми паднаа 20 тони од рамената. За ова се подготвував седум години“, рече Баумгартнер зборувајќи на германски во своето прво интервју веднаш по скокот.

Со својот скок тој собори светски рекорд од 1960-та година, кој го постави Џо Китинцер, сега негов најблизок соработник. Претходната рекордна висина беше 31.333 метри. Баумгартнер постави рекорд и со својот слободен пад од четири минути и дваесет секунди. Тој во еден момент загуби контрола над падобранот и почна да се врти колу својата оска, но набрзо успеа да се врати во својата првобитна положба.