1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Баросо е човек на компромиси

Баросо со сопругата

Баросо со сопругата

Коментар на Бернд Ригерт

Португалскиот премиер Жозе Мануел Дурао Баросо ќе биде нов претседател на Европската комисија во Брисел. Ваков договор шефовите на држави и влади можеа да постигнат и на редовниот самит одржан пред една недела. Така публиката и кандидатите ќе беа поштедени од непријатниот раздор околу врвната позиција во ЕУ. Баросо веќе се наоѓаше на листата на претседавачот со ЕУ, Берти Ахерн – како компромисен кандидат. Но, можната согласност пред десет дена очигледно пропадна поради крутоста на двата табора – Германија и Франција од една и Велика Британија со помалите земји на друга страна.

На трагачот по таленти, Берти Ахерн, му беа потребни уште една рунда опоменувачки масажи на душата преку телефон, за приближеноста до судир да ја доведе до резон. Либералниот белгиски премиер, Ги Ферхофстад, кој беше посакуваниот кандидат во германско-француската група, не можеше да помине кај конзервативците. Неговиот противкандидат, еврокомесарот за надворешна политка, Британецот Крис Патен, не беше прифатен од Французите. Двајцата не успеаја. Сега Баросо ја има согласноста, но на него е прикачен епитетот ”втор избор”. Никој не е одушевен од конзервативниот Португалец, но согласност е дадена под притисок дека е неопходно единство.

48 годишниот премиер има искуство во владини функции и му припаѓа на вистинското политичко семејство за да и биде по вкус на најголемата фракција во Европскиот парламент, кој ја дава согласноста. Потекнува од мала земја, која го има и еврото и е потписник на Шенгенскиот договор. Значи, Баросо, формално ги исполнува сите критериуми, но тој на европската сцена не паднал особено вочи како страствен застапник на европските визии. Исто така не поседува харизма вредна за споменување. Дали е тој човекот што на уморните европски избирачи ќе им ја продаде Европа подобро отколку досега, е знак прашалник. Но, се разбира Баросо заслужува шанса.

Тој е човек на компромиси, особина која во Брисел е многу ценета. Германскиот канцелар, Герхард Шредер, ја потврди својата поддршка дури откако Баросо даде согласност да го именува еврокомесарот за проширување, Гинтер Ферхојген во вицепретседател на комисијата и во суперкомесар за економија.

Драмата околу новиот претседател на Европската комисија покажува дека проширената ЕУ се изменила. Германија и Франција веќе не можат како досега да ги споведуваат своите желби повеќе или помалку без проблеми. Малите и средните земји имаат храброст да се спротивстават и внимаваат на тоа да не се создава германско-француски директориум. Велика британија се позиционираше наспроти Германија и Франција. Договорената посилна соработка на голематта тројка на почетокот од годинава, се чини се истопи како снег на сонце уште на првиот реалполитички тест на сила.