1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Барозо совладан од Европскиот парламент

Во одмерувањето на силите меѓу Европскиот парламент и идниот претседател на Европската комисија Жозе Мануел Барозо, победија европските парламентарци. Барозо го повлече својот предлог за распределбата на ресорите во новата комисија.

Баросо го одложи предлогот

Баросо го одложи предлогот

Таа требаше да стапи на должност на 1 ноември и затоа требаше да биде потврдена на денешната седница на парламентот во Стразбур. По пробното гласање во фракциите на европскиот парламент беше јасно дека Барозо веројатно нема да добие мнозинство за својата екипа. Конзервативците додуша ќе дадеа согласност, но социјалистите, зелените и либералите го одбија. Од тие причини денеска во парламентот објасни дека му треба повеќе време:

“Дојдов до сознание дека ако сега се гласа, резултатот ќе биде негативен. Затоа решив денеска да не ви доставам никаков предлог“.

Големите фракции изразија готовност да му дадат време на Барозо до средината на ноември кога е следниот термин за седници на парламентот. Нејасно е дали тогаш Барозо ќе претстави нови комесари. Можно е исто така Барозо, поради неуспехот да поднесе оставка и да мора да се бара нов претседател на Комисијата. Холандското претседателство на ЕУ предложи самитот на Унијата во Рим по повод потпишувањето на европскиот устав в петок, истовремено да биде и вонреден самит за комисијата, но тоа го одбија мнозинството постојани амбасадори на земјите – членки. Националните влади ги именуваат кандидатите за 25-члената комисија. Најспорниот, кандидатот за евро-комесар за правда Роко Бутиљоне не беше подготвен самиот да се повлече. Италијанскиот премиер Силвио Берлускони, наводно во телефонски разговор во последната минута побарал од Бутиљоне да се повлече, но тој одговорил дека нема да направи ниту чекор назад.

Според тоа, старата комисија на претседателот Романо Проди останува на функцијата до следниот обид. Ако Барозо предложи нови личности за функциите во комисијата, треба да се одржат нови сослушувања во парламентот, што ќе трае неколку недели. Во наредната недела се одржува редовниот самит на ЕУ. И таму се нуди можност, тврдат ЕУ дипломатите, да се најде излез од сегашната ситуација. Ова е првпат Парламентот на ваков начин да реагира околу персоналните прашања. Многумина парламентарци ја гледаат својата институција како добитник, додека Барозо во нивните очи излезе ослабен во битката за моќ.