1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Барозо верува во решение за спорот за името

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов оствари средба со претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо. Европскиот дипломат е поуверен од кога и да е досега, дека сега може да биде решено прашањето за името.

default

Жозе Мануел Барозо

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо е поуверен од кога било досега, дека прашањето за името може да биде решено во овој момент. Вели дека тоа се должи на подобрената клима помеѓу двете страни. „Претседателот Иванов потврди, дека покрај разликите климата е подобрена, зборував со двете страни има вистинска волја да се најде решение, знам дека е тешко, но знам дека има волја и треба да инвестираме во позитивно. Ако има политичка волја нема зошто да не се најде решение,“ рече Барозо.

Дипломатите блиски до Барозо коментираат дека претседателот во последните девет месеци одржува интензивна комуникација со грчкиот премиер Јоргос Папандреу. Лесно е да се претпостави дека од страна на Атина пристигнале позитивни сигнали за решавањето на спорот.

George Ivanov von VMRO DPMNE

Ѓорге Иванов

Иванов пак повтори дека Грција треба да покаже конструктивност. Дали Македонија се’ уште се надева да добие преговори со ЕУ без да го реши името? - прашањето остана неодговорено од страна на македонскиот претседател Ѓорге Иванов. Тој едноставно упати на процесот под ОН.

Барозо од своја страна повтори дека такво нешто е тешко изводливо. „Одлуката се носи во Советот. Европската комисија нема улога овде,“ изјави Барозо, додавајќи дека треба да се покаже европски дух. „Европскиот дух подразбира компромис, наместо да се повторува ’не, не, не’, да се слушне позицијата на другата страна, никој нема да биде 100% среќен, но тоа е европскиот дух“.

Новинарите го запрашаа Иванов за недоразбирањата со европратеничката Дорис Пак и наводната пропуштена шанса во 1995-та година за почеток на преговори со ЕУ, став кој беше веднаш демантиран од страна на Пак. Во таа изјава Иванов ја критикуваше опозицијата, дека пропуштила историска шанса за Македонија. Тој не отстапи од тезата ни денеска (09.09.10) во Брисел. „Од минатото можеме само да учиме, а не да го повторуваме. Тој што бил одговорен за тоа знае што се случувало и што било понудувано, времето ќе покаже што било пропуштено.“

Барозо накусо порача, дека во претстојниот извештај на ЕК, кој ќе излезе во ноември, ќе се разгледуваат и останатите состојби и реформи. Една од поважните е и политичкиот дијалог. Тој потсети, дека во демократските земји интересот на државата и на граѓаните треба да биде поважен од интересот на партијата. Мнозинството граѓани на Македонија поддржува влез во ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM