1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Барозо бара поцентрализирана ЕУ

Претседателот на Европската Комисија претстави свој план за краткорочната и долгорочната иднина на ЕУ. Тој предлага побрза интеграција на еврозоната.

Еврозоната мора побрзо и подлабоко да се интегрира отколку Европската унија во целина, изјави во средата (28.11) претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, претставувајќи ги предлозите за реформи на економската и монетарна унија.

„Еврозоната мора да се интегрира побрзо и подлабоко отколку Европската унија во целина, а истовремено треба да ги зачува политиките кои се водат на ниво на сите земји членки, особено за внатрешниот пазар. Тоа значи дека мерките кои ги носи еврозоната мора да бидат отворени и за другите секогаш кога е тоа можно“, изјави Барозо, претставувајќи ја својата визија за идниот модус на еврозоната и Европската унија во целина.

Претседателот на Европската комисија како свој прилог на дебатата којашто ќе се води на самитот на ЕУ во декември го претстави документот на 50-ина страници за воспоставување вистинска фискална, банкарска, монетарна и политичка унија. Дел од мерките кои водат во таа насока може да се донесат и без измени на Договорот за ЕУ и оние коишто можат да се спроведат во краткорочен рок во период од година ипол. За среднорочните мерки, кои треба да се спроведат во период до пет години, како и за долгорочните, потребни се промени во основниот европски договор.