1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Барателите на азил на бина

Побегнале од Иран, Ирак или од Авганистан, а во Германија поднесле барање за добивање азил. По доаѓањето во ова аземја, некои доживеале вистински културен шок. Во театар сега говорат за своите судбини.

Ашафенбург во Баварија. 31-годишната барателка на азил Минар има трема. Нејзин прв настап како актерка во градски театар.

„Да, малку сум возбудена, но инаку ми е добро“, вели Минар.

Таа заедно со други баратели на азил игра во претставата „Сонот на луѓето“. Тоа е приказна за бегството од татковината и проблемите по доаѓањето во Германија. Минар побегнала од Иран. Таму со месеци била во затвор, затоа што учествувала на студентска демонстрација.

„Страшно. Секоја минута мислев - сега ќе умрам. Воопшто немав никаква сигурност“, вели Минар.

Други баратели на азил доаѓаат од Ирак или Авганистан. Многумина побегнале така што се сокриле во некој камион. За тоа раскажуваат на бината. Вториот дел од претставата зборува за конфликтите со германските власти и културниот шок. Минар не ни насетувала како ќе изгледа да се движи без шамија.

„Жените таму мора да ги кријат телата. Со шамија, чадор, долг мантил, долги пантолони и слично. Кога првпат дојдов овде, облеков фустан. Првпат почувствував игра на ветрот и сонцето на мојата кожа и мојата коса. Првпат имав вистинско чувство, поинакво, мислам дека тоа беше чувство на слобода“, раскажува Минар.

Таа е во Германија веќе три години. До неодамна живеела во едно прифатилиште за баратели на азил. Сега и‘ е признен статусот на политички бегалец и има шанса да почне нов живот во Германија. Минар веќе конкурираше во школа за глума во Берлин. А, со малку среќа, таа ќе биде и примена.