1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Барак Обама им додели помош на сириските бегалци

Американскиот претседател Барак Обама на сириските бунтовници им додели 10 милиони долари директна помош во храна и лекови.За ситуацијата во Сирија американскиот претседател разговараше и со Бан Ки Мун.

Претседателот на САД Барак Обама одобри доделување 10 милиони долари за директна помош за сириските бунтовници во храна и лекови.

Оваа помош беше соопштена на крајот на февруари од државниот секретар Џон Кери. Во меморандум до државниот секретар и министерот за одбрана Обама наредува да се додели износ „до 10 милиони долари за помош во лекарства и храна за Сириската опозициска коалиција и Сирискиот виш воен совет“, што ги раководи бунтовниците од Сириската слободна армија.

Овој износ се додава кон 117 милиони долари помош со несмртоносен карактер за сириската опозиција.

САД на Сирија и‘ укажуваат и хуманитарна помош во износ од 385 милиони долари за околу четирите милиони иселени Сиријци во рамки на земјата и 1,2 милиони бегалци во соседните земји.

САД, како и другите западни земји, меѓутоа, на сириските бунтовници не им доставуваат оружје поради стравувањата дека може да падне во рацете на исламистичките екстремисти.

За ситуацијата во Сирија американскиот претседател разговараше и со Бан Ки Мун, генералниот секретар на ОН. Обама смета дека граѓанската војна во Сирија се наоѓа на „критична точка“. Истото гледиште го има и Бан Ки Мун, кој истакнал: „Сирија се наоѓа во исклучително загрижувачка ситуација“.