1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бан повторно предупреди од граѓанска војна во Сирија

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун повторно го повика сирискиот претседател Башар ел-Асад да го спроведе мировниот план на специјалниот претставник за Сирија Кофи Анан.

Првиот човек на Светската организација Бан Ки Мун денеска (31.05) ја предупреди сириската влада од опасност од граѓанска војна.

Минатонеделниот масакр врз цивилите во сирискиот град Хула може да предизвика уништувачка граѓанска војна во земјата. Од една таква катастрофа земјата никогаш нема да се поврати, изјави Генералниот секретар на ОН во Истанбул.

Тој таму присуствува на Форумот на цивилизации, кој се залага за разбирање меѓу западниот и исламскиот свет.

Бан уште ја цитираше изјавата на специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига, Кофи Анан, дека Сирија со масакрот во Хула, при што загинаа 108 луѓе, дошла до „пресвртниот момент“.

Тој ја повика Сирија да ги запре нападите, додавајќи оти набљудувачите на ОН не се таму за да гледаат убиства на невини луѓе.

Да се убеди Русија

Франција денеска соопшти дека продолжува да работи на нова предлог резолуција за проширување на санкциите против властите во Дамаск по масакрот во Хула.

Западните сојузници вршат притисок на Русија во Советот за безбедност на ОН да прифати проширување на санкциите кон Сирија, но официјална Москва не го прифаќа таквото барање и се заканува со вето.

Германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг, рече дека санкциите мора да бидат насочени против оние кои се противат на мировниот план на специјалниот пратеник Кофи Анан, додека неговиот француски колега Мартин Брин смета дека санкциите треба да бидат заострени.

Наспроти ваквите барања, Русија не прифаќа заострување на санкциите, а нејзиниот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин, најави дека ќе гласа против санкции, доколку тоа прашање се најде на дневниот ред. Својот став Чуркин го образложува со тврдењето дека санкциите најмногу би го погодиле сирискиот народ, кој и така е жестоко погоден со судирите.

Сириските бунтовници, во меѓувреме, му поставија ултиматум од 48 часа на претседателот Башар ал-Асад да го почитува меѓународниот мировен план за прекин на насилството или во спротивно и тие ќе се повлечат од договорот, изјави портпарол на бунтовниците.

Поврзана содржина