1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бан Ки Мун: „Уште во Кореја знаев за Македонија“

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун од синоќа е во посета на Македонија. При средбата со претставници од Школата за млади лидери Бан неколку пати го спомена името Македонија.

Продлжувајќи ја турнејата по земјите од екс-Југославија, Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун директно од Приштина со специјален авион допатува во Охрид. Трпеливо и со респект Бан за добредојде ја одгледа кусата културно–уметничка програма, а во вилата Билјана во присуство на домаќинот, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, имаше обраќање пред претставници од првата и втора генерација од Школата за млади лидери, иницирана токму од македонскиот Претседател. Неколку пати Бан Ки Мун во своето обраќање и дискусија го спомена името Македонија.

„Кога бев млад студент во Кореја, научив за Македонија. Кога дојдов во САД и ООН повеќето од луѓето велеа 'Macedonia'. И јас велев така 'Macedonia', а вечерва претседателот Иванов ме потсети дека е Македонија“, рече Бан Ки Мун.

Официјалните разговори Иванов – Бан Ки Мун започнаа рано утрово (25.07.) по што е најавена и средба со новинарите. Несомнено, највисоко на агендата е потрагата по решение на спорот за името, а се очекува да стане збор и за други актуелни регионални и глобални теми. Вчера, неколку часа пред генералниот секретар во Охрид допатува и Метју Нимиц медијаторот во грчко – македонскиот спор за името.

Иванов: „Јазикот и идентитетот настрана од преговорите за името“

„Подготвени сме веднаш, неодложно, да седнеме на маса, да бараме и да најдеме решение. До решение е можно да се дојде. Очекувам од вас да апелирате кај другата страна да се придржува исклучиво до рамката во која се водат разговорите и да не навлегува во други прашања, како што се јазикот и идентитетот“, му порачал претседателот Иванов на генералниот секретар на ОН.

Синоќа на свечената вечера што во чест на генералниот секретар на ОН и неговата сопруга ја приреди претседателот Иванов се служеле македонско вино, охридско ѓомлезе и торта, пастрмка и ред други специјалитети. По кусото разгледување на Охрид, Бан Ки Мун денеска ќе отпатува за Скопје на средба со премиерот Никола Груевски, а се очекува да се обрати и пред пратениците во Собранието на Република Македонија.