1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бан ги критикува земјите кои доставуваат оружје во Сирија

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ја повика меѓународната заедница на солидарност за финансирање на хуманитарната помош во Сирија и соседите кај кои се сместени илјадници бегалци.

ОН имаат се‘ помалку пари за помош на сириските бегалци. Генералниот секретар Бан Ки Мун на Генералното собрание на ОН во Њујорк истакна дека од ветените 180 милиони долари од 193 земји членки не е собрана ниту половината. Според Бан, итна хуманитарна помош во Сирија им е потребна на околу 2,5 милиони луѓе, околу 1,2 милиони се протерани од своите домови и се во други региони низ земјата, а над 225 илјади се во бегство во соседните земји.

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун упати и критики до државите кои доставуваат оружје до учесниците во конфликтот во Сирија, a jа повика и меѓународната заедница за солидарност за финансирање на хуманитарната помош во таа држава и соседите.

„Тие кои доставуваат оружје на едната или другата страна само ги влошуваат страдањата на Сиријците“, изјави тој пред Генералното собрание на ОН.

„Регионалните сили имаат клучна улога да создадат услови за смирување на ситуацијата во Сирија и попречување на продолжувањето на милитаризацијата на конфликтот“, нагласи Бан.

Syrien Flüchtlinge Grenze Türkei

Итна хуманитарна помош им е потребна на 2,5 милиони Сиријци

Русија и Кина доставуваат оружје за режимот на Башар ал-Асад, а Саудиска Арабија и Катар изразија подготвеност да ги вооружат сириските бунтовници.

Бан повика и за меѓународна солидарност во поддршка на сириските бегалци.

„Соседните држави кои ги отворија границите за прифаќање бегалци, имаат итна потреба за помош. Хуманитарната ситуација се влошува, како во Сирија така и во соседните држави засегнати од кризата“, изјави генералниот секретар на ОН.

Пред Генералното собрание на ОН се претстави новиот специјален пратеник за Сирија, Лакдар Брахими. Наследникот на Кофи Анан вети беспоштедни напори во постигнувањето мир во Сирија.