1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Бан бара засилување на трупите на ОН во Јужен Судан

Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун побара од Советот за безбедност да испрати дополнителни 5.500 војници во Јужен Судан, со што бројот на мировници треба да надмине 12.000.

Поради борбите во Јужен Судан, Обединетите нации имаат намера да испратат дополнителни 5.500 војници и со тоа речиси двојно да го зголемат бројот на своите трупи во оваа централноафриканска држава. Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, достави соодветно барање до Советот за безбедност на Светската организација во Њујорк.

„Советот за Безбедност синоќа започна итни консултации за препораките на Бан и се очекува денеска (24.12.) да донесе решение“, изјави францускиот амбасадор Жерар Аро, кој претседава со Советот.

Амбасадорката на САД во ОН, Саманта Пауер изјави дека сите држави-членки на Советот веќе изразиле поддршка за барањето. Нејасно досега е од кои земји ќе бидат испратени новите војници за мисијата во Јужен Судан. Во моментов таму има стационирано околу 7.000 „сини шлемови“, кои главно доаѓаат од Индија. Покрај тоа мисијата брои и 700 полицајци и 2.000 цивили.

Во Јужен Судан приврзаниците на претседателот на државата Силва Кир војуваат против сојузниците на неговиот поранешен заменик Риек Машар. Во судирите досега загинаа стотици луѓе.