1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Банкротот демне, покерот за власт продолжува

Поради масовните протести против мерките за штедење на неговата влада, грчкиот премиер Јоргос Папандреу за денеска најави реконструкција на кабинетот. В недела пак ќе има гласање доверба во парламентот за новиот тим.

default

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу

За Грците вчерашниот ден беше навистина драматичен. Додека во парламентот се одржуваше седница, а пред него вриеше од протести, како бомба одекна веста дека поради ескалирачката должничка криза премиерот Јоргос Папандреу ќе поднесе оставка и нуди влада на „национално единство“. Доцна ноќеска Папандреу направи свртување од 180 степени, пред телевизиските камери соопшти дека останува на функцијата, но ќе ја реконструира владата, поради неуспехот на коалиционите договори со конзервативната опозиција.

Griechenland Athen Proteste

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Атина

Грција како Аргентина пред да банкротира

„Се работи за очајнички маневар на премиерот. Папандреу сака да добие на време, да остави впечаток дека со новата влада ќе биде подобро“, смета Мусис Лицис, новинар на „Елефтеротипија“. Според него, Грција може да се спореди со Аргентина пред банкротот, кога под притисокот од улицата се формираа постојано нови влади пред да дојде конечно до несолвентност.

И покрај заканувачкиот банкрот, покерот за власт во Атина продолжува. Додека премиерот Папандреу е конфронтиран со револт, конзервативниот опозициски лидер Антонис Самарас според анкетите е во водство. Тој ноќеска побара одржување нови избори. Неговото ветување до гласачите: тој наново ќе преговара за пакетот штедење со Брисел, ќе издејствува даночни олеснувања за средниот слој, што ќе ја поттикне конјуктурата.

Незадоволството на граѓаните расте

Flash-Galerie Generalstreik in Griechenland

Полицијата употреби големи количества солзавец против насилните учесници на протестите

Додека се води битката за власт, расте притисокот од улицата. Вчера во Атина демонстрираа околу 20 илјади луѓе против владините мерки за штедење. Дојде и до судири со полицијата. Социјалистичкиот политичар Костас Ботопулос во извесна мера го оправдува незадоволството.

„Незадоволството е и разбирливо. Фактот што протестното движење е независно од партиите, ја покажува зрелоста на луѓето, кои немаат политички концепт и се ограничуваат на тоа да го изразат незадоволството. Опасно е што во меѓувреме дел од демонстрантите се ориентираат против парламентаризмот“, смета Ботопулос. Тој е поддржувач на нови преговори за пакетот за штедење, но не сака да оди против партиската линија. Некои негови сопартијци пак пробуваат со бунт, со истапување од пратеничката група или со гласање против еконономската политика на владата. Папандреу е исклучително зависен од сојузниците.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски

DW.COM