1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Банките се „вооружуваат“ за „грчка бура“

В недела Грците избираат нов парламент. Министрите за финансии од еврозоната за вечерта закажаа телефонски консултации, германската канцеларка Меркел го одложи патувањето на самитот на Г20.

Најважните емисиони банки во светот се подготвуваат за тешки турбуленции на пазарите по судбинските избори во Грција. Планирана е координирана акција за стабилизирање на глобалните финансиски пазари. Со тоа емисионите банки сакаат да спречат „тесно грло“ во кредитирањето и да обезбедат снабдување на пазарите со пари. И шефот на Европската централна банка Марио Драги најави во нужен случај повторно да ги отвори славините за пари:

„Евро-системот и натаму ќе обезбедува ликвидност, ако биде потребно“, изјави Драги.

В недела вечерта министрите за финансии од земјите на еврозоната ќе одржат телефонски консултации по исходот на парламентарните избори во Грција. Поради тоа германската канцеларка Ангела Меркел го одложи заминувањето на самитот на Г20 во Мексико за половина ден. Според потребите, в понеделник може да биде свикана кризна средба на министрите на седумте најголеми индустриски држави Г7 со шефовите на емисионите банки, се дознава од дипломатски кругови на Г20.

Griechenland Syriza Alexis Tsipras

Алексис Ципрас

Исходот од парламентарните избори во Атина според експертите може да го запечати крајот на еврото во Грција, ако победат противниците на штедењето и реформите. Најголемата грижа е ризикот од поголем одлив на капиталот ако радикалната лева партија Сириза добие недвосмислена предност, истакнува претставник на еврозоната. Сириза ги одбива условите на меѓународните кредитори, но сепак сака останување во еврозоната. Партискиот шеф Алексис Ципрас ја потврди деновиве решеноста да ги укине условите за добивање помош доколку победи на изборите.

Борба со сите „оружја“

За да се амортизираат тешките пазарни реакции, во предвид доаѓаат и поединечни потези. Јапонија и Швајцарија може да ја ослабат вредноста на своите валути, доколку нив вложувачите, гонети од несигурноста, ги доведат до голем раст.

Велика Британија најави во случај на потреба да го обезбеди својот банкарски систем со повеќе од 125 милиони евра. Британскиот министер за финансии ги повика државите од еврозоната конечно да ја скротат кризата, а Британија ќе се штити самата.

Во меѓувреме должничката криза се шири: рејтинг агенцијата Мудис денеска ја намали оценката за кредитоспособноста на пет холандски банки поради нивна оптовареност од рецесијата во Холандија. Но агенцијата само за една од банките даде негативна прогноза, што значи само за неа доаѓа во предвид натамошна проверка и евентуално намалување на бонитетот.