1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Банките бегаат од сомнение дека се зависни од државна помош

Приватните банки ја одбегнуваат државната помош. Владее несигурност и страв дека берзата и клиентите ќе ја казнат првата приватна банка која ќе ја побара таквата помош. Принуда за користење на мерките од владиниот пакет?

default

Која приватна банка прва „ќе повлече чекор“?

Комисијата на ЕУ денеска го одобри пакетот-мерки на германската влада за помош на банките, оти оцени дека е во согласност со европското право и не претставува недозволена државна помош. Пакетот со вредност од 500 милијарди евра, да потсетиме, предвидува гаранции за кредити што меѓусебно си ги доделуваат банките, како и директна помош во капитал за посебно погодените финансиски институти. Но, досега само три покраински банки покажаа интерес за користење на мерките од пакетот. Не се пријави ни една приватна банка, а само Комерцбанк воопшто се огласи во јавноста: „Сега ги разгледуваме и испитуваме подробностите, а потоа ќе донесеме решение. Ние начелно го поздравуваме пакетот мерки за спас“. Тоа беше се’ што имаше да каже портпаролот на Комерцбанк Гунар Мајер.


Постбанк: државните пари се за банки кои не можат самите да си помогнат


Дојче банк на дополнително прашање соопшти дека нема потреба од пари од државата. И Постбанк се обидува со сите сили да излезе на крај без спасувачкиот фонд, иако во третиот квартал од годинава забележа милионски загуби. Само зделките со банкротираната американска банка Лимен брадерс ја товарат со преку 350 милиони евра. На Постбанк и’ се итно потребни пари, вели сојузниот министер за финансии Пеер Штајнбрик: „Постбанк мора да биде рекапитализирана. Решение во тој поглед е веќе донесено во Надзорниот одбор на акционерското друштво Пошта“. Со јасни зборови кажано, Постбанк има потреба од една милијарда евра, што ќе ги обезбеди со наголемување на капиталот преку продажба на акции. Банката не сака да ги користи државните пари, оти тие биле за банки кои не можат самите да си помогнат, како што велат во Постбанк.


Банките се премислуваат два пати дали да побараат помош


Никој во браншата не сака да се најде под сомнение дека е зависен од државната помош. Владее несигурност и страв дека берзата и клиентите ќе ја казнат првата приватна банка која ќе побара таквата помош. „Кај приватните банки има и приватни акционери, а пакетот за спас релативно силно засега и во нивните сопственички права. Затоа банките се премислуваат два пати дали им е навистина потребен. Ова би требало да се оцени како позитивно - колку помалку навистина имаат потреба од пакетот, дотолку е подобро“ - смета аналитичарот Дитер Хајн фон Ферисрч. Тој не гледа ни причина на банките на сила да им се наметнуваат мерките за спас.

Сосем спротивен став има Ханс-Петер Бургхоф, експерт за банки од универзитетот Хоенхајм. Банките мора да бидат принудени да ги прифатат мерките од пакетот, според примерот од Америка и Велика Британија, смета Бургхоф и образложува: „Тоа би било од голема помош, од пазарот би се отстранила несигурноста околу тоа кој ќе земе или нема да земе пари. Би било јасно дека секој мора да земе според одредени критериуми, ако банката е системски релевантна, ако надминува одредена величина“. Но, министерот Штајнбрик останува на тоа, дека банките не смеат да бидат принудувани.


Фактичката ситуација ќе биде клучен фактор на принуда


Аналитичарот Дитер Хајн смета и дека на банките треба да им се остави уште време за проверка на ситуацијата и на пакетот-мерки. „Финансиската криза, за жал, се’ уште не е помината, па мислам дека во наредните 12 месеци уште повеќе банки, меѓу нив и приватни, ќе се соочат со проблеми и потоа ќе мораат да се јават за помош. Едноставно, до израз ќе дојде моќта на фактичката состојба“. Во браншата никој не сака да се изјасни колку банки би биле, уште помалку кои. Се вели дека веќе и само слаби гласини во моментов се доволни да и’ приредат сериозни тешкотии на една банка.


►◄