1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Банка што ја менаџираат деца

Во „градската џунгла“ на Њу Делхи има малку места на кои децата кои се оставени сами на себе можат да побараат помош. Едно од овие места има поддршка од католичката хуманитарна организација „Мизереор“ од Германија.

default

„Татко ми ме тепаше и избегав. Живеев три месеци на улица пред да најдам прибежиште овде.“

Прибежиштето за кое зборува 14-годишниот Рохид е просторија од околу 200 квадратни метри. Мебел речиси и нема. Подот мора да остане празен, зашто се бара место. Ноќе, покрај Рохид, тука спијат уште 50 или 60 други момчиња. Сите се малолетни и сите живеат на улиците на Њу Делхи:

Logo MISEREOR

„Едно момче што живееше во моја близина ме праша дали сакам да избегам со него во Њу Делхи. Сега ми е многу тешко.“

13-годишниот Камлиш сонува за тоа еден ден да се врати дома и да ги види родителите. Но, благодарен е за тоа што овде има сигурно место за преноќевање. Веќе не мора да спие на улица или во домот за азиланти во околината. Таму децата се често беспомошно изложени на напади од возрасните. Камлиш преживува со повремена работа или со тоа што собира отпад што може да се рециклира, како и повеќето тука. На тој начин може да се заработи, во најдобар случај, нешто повеќе од едно евро на ден. А децата сепак успеваат нешто и да заштедат. Кој сака да штеди, тука е на вистинското место.

Детската банка за развој го покажува патот за излез од сиромаштија

Во еден агол на големата просторија има мал жолт заграден простор, чиј горен дел е обезбеден со жица. Тоа е Детската банка за развој.

„Детската банка за развој е програма што би требало да им го покаже на децата патот за излез од сиромаштија. Најголемиот дел деца бездомници едноставно така ги трошат своите пари кои ги заработуваат тешко. Ние им нудиме можност да ги штедат парите и ги оспособуваме да се однесуваат разумно кон парите, да ги научат демократските принципи и да постапуваат одговорно. Така можат да си создадат подобра иднина“, објаснува Нафис Рахман од хуманитарната организација за деца „Батерфлајс“ која се грижи за проектот.

Indien Neu-Delhi Müllkipppe

Членови на банката можат да станат сите деца бездомници, сите што можат да вложат најмалку една рупија и кои не се вмешани во дрога и криминал. Таква одлука донесле децата, зашто тоа е нивна банка.

„Децата сами имаа идеја да основаат банка. Тие разговараа за идејата и ги дефинираа правилата. Децата ја менаџираат банката истотака сами. Ние, возрасните, само им покажуваме како една банка би требало да се води, како да се постапува со парите и да се прави книговодство. Децата, потоа, стануваат се‘ самосвесни во односот кон парите и кон останатите деца. Овде учат неверојатно многу за животот.“

Менаџер се избира двапати годишно

Ентезар има 14 години и е меѓу оние кои веќе нешто научиле и постигнале, зашто тој е менаџер на банката. Касира пари и исплаќа, а сите трансакции внимателно ги внесува во банкарските книги.

„Нашиот воспитувач организираше средба на децата и притоа другите деца ме избраа за менаџер. Менаџер се избира секои 6 месеци и јас го правам сега тоа заедно со уште едно момче.“

Kinder aus dem Slum beim Baden

Децата, благодарение на Детската банка за развој, имаат првпат можност за штедат пари без да стравуваат дека ќе им бидат украдени. Благодарение на банката децата како 14-годишниот Дулгеш можат да планираат и подолго, а не само ден за ден и можат да штедат за мали набавки:

„Заштедените пари ги трошам за облека, сапун и такви работи. Но, и за моливи кои ни‘ се потребни за учење.“

Можни се дури и кредити

Од 14 или 15-годишна возраст децата можат дури и да земаат кредити од банката, особено ако со тоа сакаат да почнат мал бизнис. Мора да имаат 20% сопствен капитал, а потоа другите деца преку банката им помагаат да станат самостојни.

Поголемиот дел деца штедат колку што можат. Таков е случајот и со малиот Јасим. Порано парите ги давал на цигари и игри во казино, а сега штеди за да си го оствари сонот за подобар живот:

„Парите можат да бидат корисни за иднина, зашто сакам да станам играч на крикет. Парите сигурно ќе ми требаат.“

Тоа е се‘ уште само сон, но ова, навидум незабележливо место, придонесува соништата на децата бездомници од Њу Делхи еден ден да станат реалност.

Автор: Петер Вајцман / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска