1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Балтичкиот тигар

Скоро сите источноевропски земји привлекуваат инвеститори со атрактивни даноци, така и Балтикот. Естонија, Летонија и Литванија воведоа исти даночни стапки и мали такси

Рига - главниот град на Летонија

Рига - главниот град на Летонија

Најголемиот број инвеститори во Летонија доаѓаат од Германија. Дали се само ниските даноци причина што фирмите заминуваат кон Балтикот, кои се тие фирми и зошто одат таму:

“Мојата даночна изјава ја завршувам за половина час, тоа не е проблем. Се се ограничува на тоа сам да ги соберам документите“.

Бертолд Флик, германски шеф на летонската авио-компанија Ер Балтик тоа посебно го цени. Приватните поединци плаќаат 25 насто данок на приход и тоа важи за сите. Истото важи и за данокот на добивка. Фирмите плаќаат само 15 насто, десет процентни поени помалку отколку во Германија. Со години секоја од владите на Летонија ги намалува даноците и тоа не само за да привлече странски инвеститори, вели Даина Робежнице, одговорен за даночната политика во министерството за финансии:

“Тоа го направивме за на фирмите да им овозможиме нивните приходи повторно да ги инвестираат во фирмите“.

Летонија, како и нејзините балтички соседи, е насочена кон долгорочното влијание на високиот пораст:

“Кога започнавме со намалувањето на даноците очекувавме приходите од данкот во наредната година да бидат помали. Но, тоа не се случи. На пример, во 2002 нашите приходи беа поголеми за 10 насто во однос на 2001 кога даночната стапка беше 25 насто. Па и кога стапката падна на 19 насто, нашите приходи само малку опаднаа“.

Во меѓувреме данокот на добивка е спуштен на 15 проценти.За Летонците тоа е поврзано и со големите социјални тешкотии. Зашто ако владата не добива повеќе, не може ни многу да дели. Тоа важи и за субвенциите за фирмите кои овде скоро да ги нема. Едноставни, транспарентни даночни системи – тоа не е предност само во меѓународната даночна конкуренција. Тоа е неопходно зашто токму малите земји скоро и да немаат можности за широки контроли. За Даина Робежнице е непојмливо постоењето на прогресивен даночен систем во кој со порастот на приходот расте и поединечната даночна стапка:

““Во таков случај службата за финансии мора да проверува за секого поединечно колку заработува и потоа да пресметува индивидуална даночна стапка. Во таков случај нашите трошоци ќе станат преголеми“.

Германските фирми се одушевени од даночниот систем, но тоа не е единствениот аспект за инвестирањето. Шефот на Ер балтик, Бертолд Флик објаснува што е уште атрактивно:

“Овде имаат работна сила која е извонредно образувана и многу мотивирана, а географската позиција е мошне поволна. Нивото на платите е многу пониско отколку во Германија и во други европски земји, а она што исто така игра улога е: кога ќе испратите овде некој Германец, Норвежанец, Швеѓанец, тој тука се чувствува одлично“.

Летонија со околу 2 ипол милиона жители е мала земја. Постојат околу 50 илјади фирми, колку во една просечна германска општина. Притоа не станува збор за големи фирми што доаѓаат воде, вели Ралф Георг Тишер од германската комора за Балтикот:

“Типичниот инвеститор од Германија е средна фирма која може во светот да реализира една или две инвестиции. Тие мораат добро да бидат избрани, што значи зад нив има една личност која одделни простори ги третира и со извесна емоција. Тука доаѓаат значи оние што немаат толку полно портмоне како големите кои со една стратегиска одлука влегуваат во 10 држави, туку овде станува збор за индивидуален бизнис“.

Според тоа, не станува збор за голем инвестиционен волумен, туку за голем број германски фирми. А, се очекуваат уште повеќе.