1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Балканското дуо-трио го воодушеви Берлин

Многу аплаузи и овации доби синоќешната премиера на „Тупаница полна со љубов” на Дејан Дуковски и Санди Лопичиќ, а во изведба на триото од МНТ Јелена Јованова, Сенко Велинов и Горазд Цветковски.

default

Македонските уметници блескаа на првиот европски фестивал за поразличен музички театар кој стартуваше синоќа во Берлин.

„Добредојдовте на мојот Балкан!“. По ваквиот пречек на Марија, која брилијантно ја одигра и отпеа Јелена Јованова во „Тупаница полна со љубов”, малку кој од публиката очекуваше дека приказната за браќата Геро и Ѓоре (Горазд Цветковски и Сенко Велинов) ќе биде толку впечатлива и поинаква од воспоставеното клише.

Кој ја познава досегашната заедничка работа на Дејан Дуковски и Санди Лопичиќ, сигурно, меѓутоа, го препозна „коктелот“од комични и трагични елементи, од жестина и повредливост, од виц и претерување, кои и овојпат доминираа на сцената на оперската куќа од Нојкелн. Црниот балкански хумор се потврди како фатална стратегија да се преживее. Тоа беше еден насилнички ремикс на западната филмската музика, рок од осумдесетите и македонски традиционални ноти.

Публиката воодушевена

Open Op Europäisches Festival für anderes Musiktheater

Јелена Јованова со невиден енергија и прецизни вокални изведби ја оживеа Марија

А, во сторијата во овој нов музички театар, која се базира врз текстот „Празен град” на Дуковски, покрај актерските квалитети пресудни беа гласовните можности на тројцата ликови, кои се претставија како добитна комбинација и уигран тим. Приказната се врти околу средбата на браќата кои се на две различни страни на фронтот во празниот град. Додека паѓаат бомби тие разговараат за минатото, за родителите, за љубовта, за Марија, ликот кој ги влече конците на дејствието. Кажаното е на границата на реалното. Човек не знае што е вистина, а што лага. И сето тоа, како во секој музички театар придружено со музиката на Лопичиќ, гитарите на Велинов и Цветковски и бендот на Џијан Емин.

Open Op Europäisches Festival für anderes Musiktheater

Со песната и гитарите Сенко Велинов и Горазд Цветковски подеднакво сјајеа крај Јелена Јованова

Жарот и внесеноста во играта, добрата комуникација меѓу актерите и бендот, хуморот, леснотијата со која на сцената е пренесена една тема која редовно носи мачнина, беа наградени со десетминутен аплауз. Тоа беше и потврда за квалитетот на сработеното на дуото Дуковски - Лопичиќ и триото од МНТ: Јованова, Велинов, Цветковски.

Публиката не ја криеше воодушевеноста. „Фантастично. Се’ функционираше. Беше добро разбирливо. Музиката беше одлична. Темата брилјантна, со многу хумор. Многу ми се допадна". „Особено беше уверлива енергијата со која се играше.” - коментираа неколкумина од публиката.

Пред поолноќ, пак, следеше првиот дел од Концертот Балкански звуци Скопје-Сараево-Грац со „Мртвиот, но жив бенд” на Џијан Емин.

Претставата на Фестивалот ќе биде и вечерва, по што следи вториот дел од концертот Берлин-Скопје-Истанбул.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска

Поврзана содржина