1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Балканските „пожари“- закана за Европа

Балканот е во фокусот на повеќе весници на германски јазик кои предупредуваат од опасноста од нова експлозија на насилства во регионот. Но, дали Балканот ја дестабилизира Европа или е обратно?

Кој кого дестабилизира: Балканот- Европа, или европските проблеми кои се прелеваат во регионот кој честопати се нарекува „буре барут“? Иако не се директно спротивставени, два водечки весници во германското говорно подрачје, германскиот Ди Велт и швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг нудат две различни перцепции за случувањата во регионот.

„Врие во земјите од поранешна Југославија“, заклучува Ди Велт во викенд анализата посветена на регионот во која се потенцираат четири земји кои важат за „фрагилни“: Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Македонија.
„ЕУ комесарот за проширување Јоханес Хан ја споредува состојбата со 'тава полна со масло: едно чкорче и сѐ може да пламне'. Се враќа национализмот од 90-години. Британскиот историчар Тимоти Лес неодамна предложи 'замрзнатите конфликти' да се решат еднаш засекогаш со промени на границите по етнички линии. Тоа била единствената шанса за да се избегнат нови насилни конфликти.

И од германското Министерство за надворешни работи доаѓаа предупредувачки зборови. 'Не можеме долгорочно да живемее во слобода и стабилност во ЕУ, доколку ја повлечеме нашата заложба за демократија, стабилност и безбедност од Западниот Балкан', вели државниот министер Михаел Рот за Ди Велт. САД, според него, играле голема и вредна улога во однос на поддршката за владеењето на правото и заедничките вредности.
„Доколку САД со новата администрација се повлечат од регионот, ЕУ ќе мора да преземе уште поголема одговорност“, вели Рот.

Во однос на Македонија, весникот наведува дека земјата уште од 2009 година чека на ветеното отворање на преговарачкиот процес за членство во ЕУ.
„Тоа е трошката надеж за економски слабата земја со невработеност од 27,5 проценти. Но состојбата е непрегледна- а од пред две години Македонија е потресена од внатрешна политичка криза. Скандал со прислушкување, фалсификување избори, зголемен притисок врз опозициските медиуми и независното судство, зголемување на моќта на владата и растечка корупција се дел од големите проблеми“.

„(...)Но без перспективата за членство, ЕУ во Македонија нема никакво средство за притисок. Заканите од Европската Комисија за повлекување на препораката за членство се слаб аргумент, со оглед на долгогодишната блокада од Грција“, пишува Ди Велт.

Заканите доаѓаат однадвор

Спротивна е тезата на Ноје Цирхер Цајтунг во анализата на истата тема. Тврдењата за Балканот како „буре барут“ се погрешни. Заканите за регионот доаѓаат од надвор, пишува НЦЦ.

„Во споредба со експлозивната сила на Брегзит и ризиците и несигурноста од успесите на десните популисти на изборите во Франција, Австрија или Холандија, Балканот денес е еден од најпресметливите политички предели на Европа. Притоа и еден од најсигурните: статистиката покажува дека ризикот од насилен криминал или тероризам е далеку помал на Западниот Балкан отколку во Западна Европа. Но, стабилноста не смее да се меша со правна држава, демократија или благосостојба. Западниот Балкан (Албанија, Босна, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија) изгради специфичен вид на 'контролирана демократија'. Преку избори легитимираните лидери со своите партии ја преземаат државата и нејзините институции и ги користат како клиентелистички системи. И додека во зависност од потребите ја менуваат домашната политика, секогаш се трудат за надворешниот свет да изгледаат пресметливи“.

„(...) Иако состојбата на Балканот со години е мирна, ризикот од дестабилизација расте. Корените не се во самиот регион, туку се надвор. По речиси десетгодишен 'замор од проширување', ЕУ како одржувач на редот е заслабната. Способноста, преку преговорите за членство земјите-кандидати да се трансформираат во демократски правни држави, е парализирана. Наместо тоа се засилуваат различните влијанија на некои главни градови: Берлин, Виена или Будимпешта честопати настапуваат со контрадикторни барања кон балканските држави. Не само кога се работи за миграциската политика на балканската рута, Германија и Унгарија имаат дијаметрални идеи“.

„(...)Притоа се јавува и стариот-нов играч во 'големата игра' на Балканот. Русија се обидува да го спречи влезот на Црна Гора во НАТО. (...) Турција го извезува конфликтот меѓу Ердоган и Ѓулен во Босна, Македонија, Косово и Албанија, со тоа што од овие земји ултимативно бара да ја затворат мрежата на секуларни и религиозни училишта на ѓуленистите. (...) Конечно нејаснотиите за иднината на регионот ги зголемува новиот американски претседател Доналд Трамп. Косовските Албанци се плашат дека долгогодишниот чувар- САД ќе ја повлечат заштитата од неконсолидираната држава. А некои Срби се радуваат дека се ближи часот кога нивниот пропаганден воз ќе може да вози барем до Митровица на северот на Косово“.

„Лудаците доаѓаат“

„Овие примери покажуваат дека Балканот како буре-барут е погрешна слика. Регионот е далеку повеќе ехо-соба, која ги рефлектира кризите во нејзиното соседство и понекогаш ги засилува. Тоа не е ништо ново. Балканските војни (1912-1913) беа директна реакција на распадот на Османлиската империја, која ја загуби својата улога на сила на редот. Последователниот конфликт меѓу Србија и австриската колонијална сила во Босна во 1914 беше фитилот кој доведе до експлозија на европското буре барут. И распадот на социјалистичка Југославија во 1990-те не може да се објасни без падот на Ѕидот, крајот на Советскиот Сојуз и триумфот на Западот. Југославија ја загуби својата геополитичка улога како неврзана земја, кризата на социјализмот и атрактивноста на Брисел како центар на еден сеевропски проект ја закопаа идеолошката основа на Титовата мултиетничка држава“. 

„Многу земји наследнички, Босна, Македонија и Косово, се слаби, мултиетнички творби. Ним им недостасува легитимитет кај дел од своите граѓани. Перспективата за членство во ЕУ и со него поврзаното подобрување на благосостојбата и безбедноста досега успеваше да ги компензира тие дефицити. Но, доколку отпадне, алтернативните проекти (Голема Албанија, Голема Србија) ќе станат повторно атрактивни. Потенцијалните конфликти се последица на геополитичките промени во околината. Само начинот на кој се манифестираат како етнополитички нарушувања е 'типично балкански'.

Можната опасност од надвор ја видоа групата комичари 'Надреалисти' уште во 1990 година, пред војната. Во еден скеч прикажаа како Европејците, по пропаста на нивната заедничка куќа, паѓаат еден врз друг. 'Југословените' градат ѕид околу нивната земја кој треба да ги спречи 'овие лудациве' да влезат и да предизвикаат нов конфликт“, пишува НЦЦ.

 

DW.COM