1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Балканската турнеја на Хилари Клинтон без Македонија

Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон наредната недела во рамките на прошталната турнеја на Балканот, ќе ги посети Сараево, Белград, Приштина, Тирана и Загреб.

Државната секретарка на САД Хилари Клинтон за време на балканската турнеја ќе ја истакне „трајната заинтересираност, посветеност и поддршка на САД за европската и евроатлантска иднина“ на земјите од регионот, соопшти Стејт департментот.

Клинтон од 29 октомври ќе тргне на една од најавените проштални турнеи при што најнапред ќе го посети Алжир а потоа и и Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Албанија и Хрватска.

Турнејата на американската министерка ќе трае до 2 ноември. Клинтон најави серија на проштални турнеи, при очекуваното заминување од функцијата државен секретар. Таа најави дека дури и ако претседателот Обама победи на изборите, нема да побара повторно да биде именувана за шеф на американската дипломатија.

Клинтон и Ештон со заеднички пораки за Србија, Косово и БиХ

На Клинтон на дел од балканската турнеја ќе и‘ се придружи и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон и тоа за време на посетите на Босна и Херцеговина, Србија и на Косово.

Според најавата на Стејт департментот, Клинтон и Ештон во Сараево ќе побарат од босанските лидери да дејствуваат во интерес на граѓаните по прашањето на реформите кои се неопходни за да се започне со интеграцијата во НАТО и во Европската унија, како и да ја подвлечат посветеноста на меѓународната заедница на неменување на Дејтонскиот мировен договор.

Во Белград и во Приштина, Клинтон и Ештон ќе побараат од властите во Србија и на Косово да работат на реализирање на постигнатите договори и да го продолжат дијалогот.

Тие истотака ќе го охрабрат преземањето на конкретни чекори кои ќе им овозможат на двете земји да напредуваат, секоја за себе, на патот кон членството во ЕУ.

Во Тирана, шефицата на дипломатијата на САД ќе се обрати пред албанскиот Парламент, на свечена седница во чест на 100 годишнината од независност на Албанија. Клинтон исто така ќе ја истакне потребата за поголема политичка соработка во земјата и за владеење на правото.

Во Загреб пак меѓу најавените теми на разговор со хрватското државно раководство се улогата на Хрватска како НАТО членка, планираниот влез во ЕУ во 2013 година и хрватската економска ситуација, се наведува во соопштението на Стејт департментот.