1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Балканската рута на криминалот

Денеска и утре (12/13.11.2009) во Париз, владини претставници и експерти ќе разговараат за методите за справување со прекуграничниот криминал. Посебно внимание, притоа, ќе му се посвети на регионот на Балканот.

default

На просторите на поранешна Југославија, пред и за време на балканските војни во деведесетите години, државните тајни служби обучуваа обични криминалци во разбојници и убијци. Кога борбите завршија, тие и натаму беа тука. Нелегалната трговија со дрога, оружје, луѓе и цигари, рекетарството и проституцијата се проширија од Србија до Хрватска, преку Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина до Македонија. Бруталните мафијашки методи во некои периоди беа секојдневие во повеќе земји од Југоисточна Европа. Во некои земји тоа се’ уште е случај, во други, пак, правната држава во возвраќа ударот.

Меѓудржавната соработка се засилува

Околу 80 тони хероин секоја година пристигнуваат во Европа од државите во централна Азија каде што се произведува опиум, виа преработувачките постројки на Блискиот Исток и конечно преку шверцерските патишта на Балканот.

Оливер Ердман, полициски комесар за борба против трговијата со дрога ја објаснува патеката на дрогата од пристаништата во Црното море до ЕУ:

„Со сигурност Балканската рута игра голема улога во трговијата со дрога. Како и досега , многу дрога доаѓа од земјите поризводители Авганистан и Турција, преку Балканот во Западна Европа.“

Kroatien Zeitungsverleger Ivo Pukanic bei Anschlag getötet

Криминалците и натаму наоѓаат плодно тло на Балканот

Комесарот Ердман веќе две години ги советува неговите колеги во Сараево во рамките на полициската мисија на ЕУ во БиХ. Тој е задоволен што во Сараево годинава имаше повеќе спектакуларни акции на специјалните единици на полицијата во кои беа уапсени десетици членови на опасни криминални банди и оти, притоа, можеа да се соберат докази. Истовремено имаше апсења и на регионални мафијашки босови и неговите посредници во соседните земји Србија и Хрватска:

„Мора да се каже дека во последно време меѓународната соработка се подобри. Има многу акции во кои се вклучени соседни земји, но и земји од Западна Европа“, вели Ердман.

Ваквата соработка на инсистирање на ЕУ засилено се одвива само од пред неколку години, а сепак веќе вроди со први плодови, заклучува и Тобиас Флесенкемпер. Тој е политички советник при полициската мисија на ЕУ во БиХ.

„Стручните квалификации на полицијата се многу задоволителни. Гледаме бавен процес и волја од политичка страна да се остварат рамковните услови. Не смее да се потпадне под впечатокот дека ќе се реши проблемот со криминалот. Тој треба само подобро да се менаџира. И тоа е заедничка задача.“

Случајот Пуканиќ и Јоца Амстердам

Во моментов соработката на полицијата и правосудството во регионот главно е ограничено на три земји - Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Не така одамна, истовремено во Белград и во Загреб, беа официјално обвинети организаторите и извршителите на убиството на Иво Пуканиќ. Се верува дека овој хрватски новинар и издавач близок до мафијашките кругови, бил жртва на долгогодишниот крал на дрогата во Холандија, Србинот наречен Јоца Амстердам.

Kroatien Zeitungsverleger Ivo Pukanic bei Anschlag getötet

Новинарот и издавач Иво Пуканиќ

Тој во моментов се наоѓа во истражниот затвор во Белград и е обвинет за убиството на Пуканиќ. Се говори дека тој за извршување на атентатот добил еденипол милион евра од досега непознати извршители. Дел од парите тој ги планирал и за убиство на српската министерка за правда, зашто таа го го подготви анти-мафијашкиот закон во земјата. Нападот бил спречен. Судијката во специјалниот српски суд за организиран кримина Маја Ковачевиќ- Томиќ истакнува:

„Сега се истражува на полето на финансиите, и тоа не само да се утврди добивката од злосторството за која се расправа сега во судот, туку и да се провери целокупниот имот на обвинетата личност. Сите приходи ќе бидат проверени. Доколку има дискрепанца меѓу приходите и имотот, се наредува експропријација. Државното обвинителство поаѓа од тоа дека имотот потекнува од криминални извори.“

Од пред речиси една година, паралелно со прекуграничните успеси на полицијата на Балканот, има и извештаи за загинати и повредени во малите војни меѓу мафијашките банди. Организираниот криминал веројатно чуствува дека му е зададен удар преку меѓународната соработка во безбедносниот сектор, смета судијката Ковачевиќ-Томиќ. Таа, меѓутоа, истакнува:

„Многу е тешко да му се влезе во трага. Организираниот криминал продира во сите структури на општеството. Тој добива заштита од делови во државата, судството и полицијата. Клучот за успех на истрагата се крунските сведоци, некој од тоа милје кој е подготвен да зборува.“

Автор: Филип Славковиќ / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска