1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Балканот завеан од снег

Ниските температури оставија илјадници луѓе на Балканот без електрична енергија и го зголемија бројот на починати од студот. Обилните снежни врнежи и силниот ветар се очекува да потраат до понеделник.

Невремето донесе нов снег и високи наноси. Со тоа дополнително се отежнува пристапот до многу места во балканскиот регион. Неколку села беа без електрична енергија, а ветрот и снегот соборија далноводи.

Властите во Србија денеска пријавија три нови жртви од студот, со што бројката на починати се искачи на 19. Се проценува дека 50.000 лица се изолирани во оддалечените села. Критичната ситуација со енергијата ја натера владата да го продолжи дводневниот празник „Ден на државноста“ следната недела на пет дена, да ги затвори училиштата и да ја исклучи струјата во несуштински неопходните фабрики.

Во Хрватска викендов се очекува да паднат во просек 50 сантиметри снег на квадратен метар. Силните ветришта од Јадранското Море ги натераа властите да затворат некои делови од автопатот долж морето.

Kältewelle Bosnien und Herzegowina

Во Босна и Херцеговина бројни места се отсечени од светот неколку недели

Избегната хеликоптерска несреќа во БиХ

Во Босна и Херцеговина бројни села во планинските региони се отсечени од светот од почетокот на лошото време пред две недели. Армиски хеликоптер со 11 луѓе, меѓу кои била и телевизиска екипа, вчера одбегнал несреќа поради невремето и принудно слетал. Хеликоптерот носел помош за завеаното население. Патниците во хеликоптерот не се повредени и со хеликоптер на ЕУФОР се пренесени во Сараево, информираа од босанското министерство за одбрана.

Аеродромот во Подгорица е затворен поради снегот, во прекин е железничкиот, додека патниот сообраќај во целост е блокиран. Локален воз, кој сообраќа на пругата Бијело Поље - Бар со околу 50 патници, е блокиран утрово кај Колашин, поради лавина која паднала на дел од пругата. Специјален тим на колашинскиот Црвен крст евакуирал четири лица, меѓу кои две деца од снежните наноси, на магистралниот пат Подгорица - Колашин.

Лавини во Македонија

Winter in Mazedonien 2012

Се бара дополнителна помош во опрема и специјални возила за расчистување на снегот во Македонија

Неколку лавини од снег, утрово и синоќа се регистрирани и во Македонија. Според полицијата, неколку возила се отсечени и не можат да се движат на патот Маврови Анови - Дебар. Сообраќајот по овој патен правец е во прекин. Лавини се регистрирани и на магистралата Гостивар - Кичево. Според информациите од СВР Тетово, едно комбе со патници на патот кон Дебар утрово било зафатено од лавина, но за среќа, патниците се извлекле. Најверојатно заради лавините по долината Радика, оштетен е и далновод, па без струја се долнореканските села Ростуше, Битуше, Требиште и Велебрдо.

Снегот, кој од вчера интензивно паѓа и формира нови 30-40 сантиметри наноси, го парализира сообраќајот во мавровскиот регион. Механизацијата на „Македонија пат“ не може да се справи со наврнатите количини снег и побарана е дополнителна помош во опрема и специјални возила.

Автор: Александар Методијев / дпа/ фена/ миа

Редактор: Александра Трајковска