1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баксузниот Феликс сепак е оптимист

Германскиот скијачки адут за златен медал на Олимпијадата во Сочи, Феликс Нојројтер, поради сообраќајна несреќа, во која се стекна со повреди го пропушти летот за Сочи од Минхен, и на Олимпијадата ќе отпатува утре.

Германецот Феликс Нојројтер, кој е еден од главните фаворити за освојување на златниот медал во слалом на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи, денеска имал сообраќајна несреќа, поради што го пропуштил летот за Сочи.

Нојројтер, додека со својот автомобил се движел кон аеродромот во Минхен, поради снегот на коловозот, излетал од патот и удрил во заштитната ограда. Тој веднаш бил префрлен во болница каде му биле извршени прегледи, на кои било утврдено дека претрпел трауматски повреди на вратот и истегнување на лигаментите, соопшти Германскиот скијачки сојуз. „Со оглед на околностите се чувствувам добро“, изјавил Нојројтер, пренесоа од Сојузот и најавија дека скијачот ќе одлета за Сочи во текот на утрeшниот ден.

Првата трка на која треба да настапи Нојројтер е велеслаломот, кој се вози во среда, а три дена подоцна го очекува настапот во слаломската трка, каде покрај Австриецот Марсел Хиршер е главниот фаворит за освојување на златниот медал. Нојројтер и покрај повредите оптимистички гледа на овие настапи: „Ништо не би требало да застане на патот до старт на трките“, порача германскиот скијач.

Меѓутоа на Нојројтер му се заканува прекршочна постапка поради напуштање на местото на сообраќајната незгода. Полицијата и јавното обвинителство Минхен 2 соопштија дека покренале истрага поради „недозволено напуштање на место на незгода“. Портпаролот на полицијата соопшти дека истрагата започнува автоматски ако е предизвикана штета и оти законот предвидува дека предизвикувачот на незгодата мора итно да ја информира полицијата. Нојројтер меѓутоа веднаш побрзал кон аеродромот, но по советите на неговиот тренер наместо да се качи на авионот тој се упатил на лекарски преглед.