1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бакојани ја одби иницијативата на Милошоски

Официјална Атина ја одби иницијативата на шефот на македонската дипломатија, која во форма на три конкретни предлози на 13 март годинава беше упатена до неговата грчка колешка, соопшти денеска македонското МНР.

default

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Антонио Милошоски и Дора Бакојани

Оценувајќи ги понудените иницијативи како „декларативни изјави со сомнителна корист и делотворност“, министерката Бакојани во одговорот, како што соопшти македонското министерство за надворешни работи, првпат во официјалната дипломатска кореспонденција помеѓу двете земји, признава дека освен името на државата, предмет на оспорување е и идентитетот на македонскиот народ.

„Во однос на прашањето за името, кое ја сочинува суштината на проблемите на кои наидуваат односите меѓу нашите земји, Грција направи значаен чекор напред прифаќајќи единствено ерга омнес сложено име, кое исто така може да го вклучи и терминот ’Македонија’, со одредница која ќе ја појасни разликата меѓу Вашата земја и народ и грчка Македонија и нејзиното население. Ова е значајно поместување од нашата првична позиција, а со надеж дека ова би можело да претставува основа за постигнување заемно прифатливо решение“, вели Бакојани.

Во однос на предлогот од македонскиот министер за надворешни работи за формирање заеднички Комитет за образование и историја, Бакојани смета дека нема потреба од експертски тимови кои ќе ги „чешлаат“ историските настани кои се претставуваат како пречки во односите меѓу двете држави.

„Основањето Заедничка комисија за образование и историја, земајќи ја предвид изразената чувствителност на Грција кон прашања од историјата, би сакала да нагласам дека историјата е наука која ја утврдува историската вистина преку научни методи. Таа не може, ниту треба да биде предмет на политичка корист или на кои било други политички согледувања. Во оваа смисла, историјата не е нешто за кое може да се преговара. Историјата на античкиот свет е веќе напишана и документирана, веќе со векови, преку макотрпни научни истражувања од страна на меѓународно угледни историчари и археолози. Билатерална комисија не може одново да ја напише историјата“, вели Бакојани.

Автор: СН / МИА

Редактор: Александра Трајковска