1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баер (Л) елиминиран во Купот на Германија

Фудбалските стадиони заживеаја, натпреварувачкиот момент беше застапен, не помина ни без изненадувања – средбите од првото коло на Фудбалскиот куп на Германија беа добар увод во претстојното првенство на Бундеслигата.

default

Санкт Паули: Радост по победничкиот гол на Бол

За прволигашите средбите од првото коло на Купот на Германија беа можност за последен тест пред почетокот на првенствената сезона, веќе в петок, на 10-ти август. Противниците -токму по мерка: од второлигашки или понизок ранг, но посебно мотивирани. Тоа најсилно го почувствува Баер од Леверкузен, кој за пв пат по 11 години е елиминиран во првото коло од купот.

Седум пати досега реномираниот Баер му има гостувано на Санкт Паули во Хамбург и се’ уште не успеа да забележи ни една единствена победа. Санкт Паули, пак, ја слави третата победа над прволигашка екипа во последните три години, овој пат со голот на Фабијан Бол постигнат на три минути пред крајот на средбата. “Натпреварите од купот се секогаш нешто убаво, оти во 90-те минути станува збор за се’ или ништо. И, кога решението ќе падне пред самиот крај и ние повторно елиминираме прволигаш и учесник на Купот на УЕФА, за мал клуб кој штотуку се пласира во втората лига е, се разбира, прекрасно” - вели творецот на успехот Бол.

Другите пролигашки тимови ја поминаа првата пречка - кој полесно, кој не толку убедливо. Нирнберг, бранител на титулата во купот, ја победи Викторија во Хамбург со 6 спрема 0. Тренерот Ханс Маер го пофали противникот, инаку член на општинска лига, кој не се ни обиде да игра бункер: “Немаше ниту еден тежок фаул, тие постојано се обидуваа да организираат акции и тоа вистински ми импонира”.

Ајнтрахт на гостувањето кај Унион Берлин забележа победа од 4 спрема 1, Дуизбург го победи регионалниот лигаш Бабелсберг со 4 спрема 0. Хамбургер во Кил, по слабото прво полувреме, го совлада домашниот Холштајн, тим од четврти натпреварувачки ранг во Германија, со 5 спрема 0. Тренерот Хуб Стевенс нема забелешки: “Овде не беше во преден план играта, туку резултатот и пласманот во наредното коло на купот”. Новиот прволигаш Карлсруе дури во продолжението го совлада Нојстрелиц со 2 спрема 0.

Од второлигашите победи забележаа Алеманија Ахен, Фрајбург, Падерборн и Кобленц. Келн доживеа бламажа – во Бремен водеше против аматерскиот погон на Вердер со 2 спрема 0, потоа дозволи израмнување, а во продолжението и пораз со 4 спрема 2. Во дуелот на новите второлигаши Оснабрик и Борусија Менхенгладбах, гостите славеа победа од 1 спрема 0. “Многу сум радосен што отидовме една рунда понатаму. Се виде дека на навивачите и на екипата им е потребен успех за добро да ја започнат сезоната” - вели тренерот на победникот Јос Луукај.

Неговиот колега од Оснабрик Клаус-Дитер Волиц жали што не успеа да го повтори подвигот што го постигна како играч пред 15 години, кога Оснабрик ја елиминира Борусија: “По малку е горко кога ќе испаднеш се еден случаен гол. На периоди, сметам, бевме рамноправни. Ние имавме шанси, тие исто така. Нормално е што во текот на целиот натпревар гостите делуваа малку позрело – од каде доаѓаат тие, а од каде ние?”. Волиц алудира на тоа дека Борусија Манхенгладбах годинава испадна од првата лига, а Оснабрик од Регионалната се пласира во Втората сојузна лига.

Штутгарт сепак ќе биде домаќин на СП во велосипедизам

По допинг-скандалите во велосипедскиот спорт, посебно последните, на трката Тур д’Франс, германскиот сојузен министер за внатрешни работи Волфганг Шојбле, под чија надлежност е и спортот, го стави под прашање одржувањето на светското првенство чиј домаќин треба да биде Штутгарт во септември годинава.

Сузане Ајзенман, одговорна за спорт во градот, по разговор со претставници на федерацијата, покраината Баден Виртемберг и на општината, изјави: “Можам да ви кажам дека покраинскиот главен град Штутгарт ќе стои на располагање како оганизатор на Светското првенство во друмско возење. Во светското првенство во Штутгарт ние гледаме вистинска шанса за нов почеток во велосипедскиот спорт”.

Свој придонес за навистина да биде така, најавува и Сојузот на германските велосипедисти. Претседателот Рудолф Шарпинг вели: “Ние, во секој случај, на своја сметка и во сопствена одговорност, во соработка со Националната анти-допинг агенција, ќе го контролираме секој учесник на светското првенство во просек најмалку еднаш неделно".

Допинг-аферите и реакциите на јавноста внесоа несигурност и кај врвните велосипедисти. Еден од најпознатите од нив, Јенс Фогт, се искажа против генерално сомничење: “Понекогаш веќе не знам како да се однесувам со медиумите. Ако возам пребрзо, тогаш се вели ’Види колку добро вози Фогт – мора да се допингувал‘. Ако сум пребавен, се вели ’Фогт сигурно престанал да се допингува и сега веќе не може‘. Ако искажам јасни зборови против допингот, тие велат ’Тој е дрзок, сака сите нас да не измами‘. А, ако не сакам да кажам ништо за тоа, коментарот е ’Тој нешто прикрива‘”.

Избран сонгот за олимпијадата во Пекинг

В среда, 8-ми август, ќе биде точно една година до почетокот на олимписките игри во Пекинг. Подготовките на сите фронтови се во тек, главниот град на Кина треба да реши многубројни проблеми. Сега има еден помалку – побргу небитен за самата организација на игрите, но битен за нивното претставување во светот. “Подготвени сме” – така гласи победничката песна на изборот за сонг на олимпијадата. Изборот траеше три месеци, понудени беа повеќе од 1300 песни од Кина и од светот, во изборот учествуваа милиони луѓе, а го следеа преку 100 печатени, електронски и интернет-медиуми. Изборот, така, стана еден од најголемите музички настани во првата половина од годинава. На крајот од петтата елиминациона рунда, 300 аматерски и 42 снимки од музички професионалци се најдоа пред професионално седумчлено жири. Тоа мораше да има предвид критериуми како професионалност на композициите, забавност, колку “влегуваат в уши” и колкава е нивната продукциона вредност. На крајот од компликуваниот процес изборот падна врз “Ви ар реди”.