1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баерн ја обезбеди есенската титула

Екс-канцеларот Шредер почесен член на Германскиот фудбалски сојуз

Макај - гол за есенската титула

Макај - гол за есенската титула

На викендот се одиграа средбите од претпоследното коло од првиот дел на првенството во Бундеслигата. Баерн ја задржа предноста од 4 бодови и ја обезбеди неофицијалната титула есенски шампион. Тоа вообичаено е добар знак и за конечниот исход на првенството, бидејќи 29 пати во 42-те првенства есенскиот бил првак и на крајот. Баерн од 14 досегашни есенски титули – оваа му е петнаесеттата - 12 ги претвори во вистинско шампионско славје на крајот. Инаку, најдобриот тим есенва многу се намачи за да го победи последнопласираниот Кајзерслаутерн со 2 спрема 1. Победата, всушност, ја спаси голманот Оливер Кан, кој одбрани пенал.

Единствени конкуренти на Баерн во борбата за титулата, според она што беше видено во есенскиов дел, ќе бидат Хамбургер, кој со победата над Херта Берлин со 2 спрема 1 останува на второто место со 37 бодови, 4 бода заостаток зад водечкиот, и Вердер Бремен, кој како гостин убедливо го совлада Келн со 4 спрема 1. Вердер има 35 бодови.

Шалке го победи Мајнц со 1 спрема 0 и е на четврто место со 31 бод. Атмосферата во клубот од Гелзенкирхен е нарушена – тренерот Ралф Рангник најави дека нема намера да го продолжува договорот што му истекува в лето; тој направи почесен круг како своевидна разделба од публиката и денеска и официјално доби отказ од раководството на клубот. Како наследници се спомнуваат Матијас Замер и Отмар Хицфелд.

Нов тренер ќе добие и Дуизбург, кој дома одигра само 1 спрема 1 против Арминија. Досегашниот тренер Норберт Маер беше исклучен од клубот поради инцидентот на средбата со Келн, кога удри противнички играч со глава, а потоа и одглуми дека самиот бил удрен. Најголеми шанси да дојде на негово место има некогашниот репрезентативец Јирген Колер.

Под прашање е судбината и на Холгер Фах како тренер на Волфсбург по најновиот пораз дома од Штутгарт со 1 спрема 0. Неизвесна е и иднината на Михаел Скибе, иако само неколку натпревари го води Баер Леверкузен, но во нив оствари слаби резултати. Сепак во ова коло на гости во Нирнберг одигра нерешено 1 спрема 1. Со ист резултат заврши средбата Хановер – Борусија Менхенгладбах, Хановер остана непоразен и во четвртата средба со Петер Нојрурер како тренер, но тој овој пат не беше задоволен.

Ајнтрахт во Франкфурт ја совлада Борусија од Дортмунд со 2 спрема 0 – убав подарок за 52-от роденден на тренерот Фридхелм Функел. Ајнтрхат, тимот на македонскиот интернационалец и командант на одбраната Васовски, со 18 бодови веќе се искачи до златната средина на табелата. Во кругот на најзагрозените се Мајнц на 14-тото место со 15 бодови, Нирнберг има 13, Келн 12, Дуизбург 11, а Кајзерслаутерн 9, но и натпревар помалку – против Ајнтрахт, кој беше одложен откако беа откриени пукнатини во покривната конструкција на стадионот. Натпреварот ќе се одигра в среда.

Шредер почесен член на ГФС

Поранешниот канцелар Герхард Шредер во петокот, само неколку часови пред свеченото извлекување на групите за завршницата на светското првенство 2006, беше прогласен за почесен член на Германскиот фудбалски сојуз. „Герхард Шредер доаѓа од базата. Тој никогаш не го заборави и не го негира потеклото. Ние му благодариме за големите заслуги за германскиот фудбал. Тој е и останува наш пријател – со или без функција“, рече во таа пригода копретседателот на Сојузот Тео Цванцигер.

„Фудбалот, за некого како мене, кој не е роден ’со златна лажица в уста‘, секогаш значеше и шанса за признание; ако така сакате, и шанса за подем во општеството. Мислам дека предизвикот што лежи во спортот, секогаш има врска и со длаобоката волја да се добие признание“ – нагласи екс-канцеларот Шредер.

За другите спортски настани:

Германските пливачи на крајот од европското првенство во кратки базени, што се одржа во Трст, освоија три бронзени медали. Томас Рупат на двата златни трофеја ја додаде и бронзата на 100 метри грбно, а со таков трофеј се закитија и Симоне Вајлер на 100 метри градно, како и Аника Либс на 200 метри грбно.

Клаудија Кинцел го освои второто место во спринтот од светскиот куп во скијачко трчање во Вернон, Канада. Победи домашната натпреварувачка Беки Скот.

Швеѓанката Ања Першон беше најдобра во слаломот од светскиот куп во алпско скијање, одржан во американскиот центар Колорадо. Втора беше Костелиќ од Хрватска, трета Австријката Цетел. Најдобра од Германките е Анемари Герг на петото место. Мартина Ертл ја возеше 403=тата трка од светскиот куп – во тој поглед е недостижна - но се пласира дури на 17-тото место.

На светскиот куп во брзо лизгање во Торино убедлива претстава на Ани Фризингер, која победи во 4 дисциплини.

И, конечно, информацијата дека шест тимови од седумте германски претставници се пласираа за четвртфиналето на европските ракометни купови.

Зоран Јордановски