1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баерн победник во дербито против Шалке

Хамбургер останува единствен негов конкурент на Баерн. Германија втора најуспешна нација на параолимписките игри во Торино

Салиамиџиќ стрелец на еден гол за Баерн

Салиамиџиќ стрелец на еден гол за Баерн

Можеби решавачка победа за Баерн во борбата за титулата: притисокот беше голем, бидејќи Хамбургер со саботниот успех во Волфсбург се доближи на само три бодови, а Шалке пак дојде охрабрен по пласманот во четвртфиналето на Купот на УЕФА. „Не треба да го загубиме респектот, не треба да бидеме арогантни, да кажеме - сега патуваме во Минхен и таму ќе победиме и ќе можеме да бидеме германски прваци.Во моментов ни оди многу добро, но мора да останеме на земја“ – предупреди тренерот на Шалке Мирко Сломка во еуфоријата по победата над Палермо со 3 спрема 0. Тежината на предупредувањата е изразена преку убедливиот пораз на Шалке во Минхен од 3 спрема 0.

Баерн ја задржа предноста од шест бодови и останува најсериозен кандидат за титулата. „Тоа беше знак од нас; во една фаза во која многумина сметаа или се надеваа на наш кикс, за Бундеслигата да остане возбудлива, ние дадовме јасен знак“ – прокоментира по натпреварот Михаел Балак.

За колку-толку возбудлива Бундеслига се грижи Хамбургер: со победата во Волсфбург со 1 спрема 0 останува единствен конкурент, но на солидни 6 бодови растојание зад водечкиот Баерн. Единствениот гол го постигна Бенјамин Лаут: „Тоа повторно беше решавачки гол, му помогнав на целиот тим и, се разбира, и на самиот сабе“. Ова беше осма победа на гости на Хамбургер. „За мене е важно целата сезона, како и досега, да гледаме од натпревар до натпревар. Нашите цели се дефинирани: сакаме да учествуваме во Лигата на шампионите“ – вели тренерот Томас Дол.

За остварување на целта е доволно и второто место, а тоа одвај да е загрозено, оти Шалке заостанува 5 бодови зад Хамбургер, а Вердер по убедливиот пораз од 3 спрема 1 на гости кај Нирнберг, е со бод помалку од Шалке. „Нашите аспирации беа или се’ да се избориме за место во Лигата на шампионите. Како што изгледа во моментов, ќе биде тешко“ – вели репрезентативецот од Вердер Тим Боровски.

За Нирнберг тоа е трета последовна победа, а Роберт Витек со двата нови погодока вкупно осум пати ја затресе противничката мрежа во тие три натпревари. „Важни се трите бодови и победата на тимот, како и претходните две. Се’ едно е кој ќе ги постигне головите. Но, се разбира дека сум многу среќен, што вака ми оди“ – рече Витек.

Нирнберг се чини дефинитивно се извлекува од опасната зона – со 30 бодови е на 11-тото место, колку што има и Арминија Билефелд, која загуби од Херта во Берлин со 1 спрема 0. Ајнтрахт во Франкфурт му ја наполни мрежата на Дуизбург – резултатот е 5 спрема 2, и сега има 29 бодови. Мајнц забележа многу важна победа против Баер во Леверкузен со 2 спрема 1, но со 27 бодови, колку што има и Волфсбург, и натаму е меѓу загрозените екипи. На трите последни места, кои водат во Втората лига, се Кајзерслаутерн, кој во 26-тото коло загуби од Борусија во Дортмунд со 2 спрема 1 и остана на 24 бодови, Дуизбург со 21 и Келн, кој во ова коло исто така беше поразен на гости кај Хановер со 1 спрема 0, а има 18 бодови.

Екипите што се борат за учество во Купот на УЕФА, Борусија Менхенгладбах и Штутгарт, одиграа нерешено 1 спрема 1.

Дајслер повреден и не доаѓа предвид за СП-фудбал

Непријатни вести оваа недела за шефот на стручниот штаб на германската фудбалска репрезентација Јирген Клинсман: Себастијан Дајслер на тренинг на Баерн се повреди, ќе мора да му биде оперирано коленото во САД и ќе отсуствува 6 месеци од фудбалските терени. За него, значи, учество на светското првенство и натаму останува само желба, оти иста судбина доживеа и пред 4 години! Потешко е повреден и Торстен Фрингс, клучен во средниот ред на Вердер, важен и во репрезентацијата, но тој барем има изгледи да се опорави до светското првеснтво.

Со многу сериозен проблем беше соочен и Бастијан Швајнштајгер: минхенскиот булеварски весник ТЦ го обвини дека учествувал во местење на резултати заради остварување добивка на обложилниците. „Кај нас во тимот често пати радо се играат карти. Но, ако некој не учествува во тоа, тогаш тоа е пред се’ Бастијан Швајнштајгер, кого воопшто не го занима такво нешто. Затоа никој не можеше да поверува дека токму тој наводно бил вплеткан во скандалот со обложилниците, единствениот кој нема земено карта в рака“ – вели тренерот Феликс Магат. „Ова за мене не е слобода на печатот, туку злоупотреба на слободата на печатот“ – грмеше на прес-конференција менаџерот Ули Хенес. „Едноставно сметам дека не е в ред. Некако се’ уште верував дека во овој фудбалски пејсаж има уште некој мал кодекс на честа... Не е в ред во фаза непосредно пред светското првенство во сопствената земја, во основа така лекомислено да не изгнасува нас самите, нашите играчи и нашиот спорт“ – огорчен е и копретседателот на Германскиот фудбалски сојуз Тео Цванцигер.

Откаско и јавното обвинителство од Минхен соопшти дека нема ни истрага, ниту сомневања во однос на младиот репрезентативец, весникот во денешното издание објави деманти на сопствените информации, иако во саботниот број остана на тврдењата дека имињата на Швајнштајгер и уште двајца други фудбалери, постојано биле спомнувани во врска со аферата. Од Баерн е навестено дека Швајнштајгер ќе поднесе тужба поради клевета, а клубот му ја затвори вратата на ТЦ за било какви информации.

Вилхелм победник на светскиот куп во биатлон

Назад кон поубавите страни на спортот: олимписката шампионка и носител на три медали од Торино Кати Вилхелм со второто место на биатлонот во Контиолахти во Финска ја обезбеди севкупната победа во светскиот куп во оваа сезона. „На крајот на сезоната, кога во Осло ќе го добијам големиот кристален глобус, по успесите што веќе ги имав постигнато, тоа ќе биде најголемото што во секој случај сакав уште да го доживеам во спортот“ – вели 29 годишната шампионка.

Заврши параолимпијадата

Во Торино со шаренолико шоу и огномет синоќа беа затворени параолимписките игри на хендикепирани спортисти. Најуспешна нација беше Русија, германските претставници се втори, со осум златни и по 5 сребрени и бронзени медали. Три златни медали освои Мартин Браксенталер во слалом, велеслалом и супервелеслалом со моноски: „Не имаше 50-мина моноски натпреварувачи и кога тука ќе победиш, тогаш е тоа несомнено врвно остварување“.

35-годишниот Герд Шенфелдер, со двата златни медала од оваа, има вкупно 12 златно параолимписки трофеи во алпско скијање!

Физикела најбрз во Куала Лумпур

На трката за Големата награда на Малезија во автомобилизам формула еден двојна победа на Рено: прв е Физикела, пред светскиот првак Алонзо. Џенсон Батон од тимот на Хонда е третопласиран. Михаел Шумахер го освои шестото место - пред него беа уште и Монтоја од Мекларен Мерцедес и клупскиот колега од Ферари Фелипе Маса.