1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баерн запрен

Неговата рекордна серија останува на бројката од 15 последовни првенствени победи

Кан совладан, Хамбургер поведе

Кан совладан, Хамбургер поведе

Хамбургер речиси 10 години чекаше на победа дома против Баерн и ја продолжи својата серија од сега веќе 17 натпревари од националното првенство и европските купови, во кои не знае за пораз. „Мораме да останеме мирни. Денеска игравме добро, но сезоната во Бундеслигата трае долго“ – предупреди во моментите на славје холандскиот интернационелец Рафаел ван дер Ваарт, кој го постигна првиот гол за Хамбургер во 10-тата минута. Стрелец на вториот, со кој го запечати поразот на Баерн, е неговиот поранешен јуниор Пјотр Троховски во 63-тата минута. Хамбургер сега е веднаш зад Баерн на второто место на табелата со само бод помалку од челниот. Во Баерн владее речиси олеснување по првиот пораз по долго време: „Притисокот беше огромен. Цела Германија веќе кукаше дека Баерн секогаш победува. Затоа среќен сум што сега таа тема е завршена“ – рече тренерот Феликс Магат.

Тандемот К-К незадржлив

Вердер, кој во Бремен го победи Баер од Леверкузен со 2 спрема 1, е трет со 16 бодови. Уште еднаш до израз дојде најдобриот напаѓачки тандем во лигата: Клозе го постигна седмиот гол и го стигна на чело на листата на стрелците Алтинтоп од Кајзерслаутерн, додека Класниќ со својот шести гол во ова првенство го дели второто место со Макај од Баерн. Руди Фелер и во наредните натпревари останува на тренерската клупа – клубот од Леверкузен има проблеми во изнаоѓањето нов тренер по смената на Аугенталер.

Херта во Келн славеше заслужена победа од 1 спрема 0 и се најде на четвртото место со 14 бодови, а на петтото место е Шалке со еден помалку. Тимот од Гелзенкирхен, по серија од четири нерешени средби, го совлада Хановер со 2 спрема 0. Бразилецот Линколн го доведе Шалке во водство, а потоа не успеа да реализира пенал. Победата ја обезбеди репрезентативецот Кевин Курањи. „Мислам дека ни беше потребен еден ваков поттик, каков што го добивме денеска со победата, за да можеме да покажеме што знаеме“ – вели стрелецот на вториот гол. Фудбалерите на Шалке го прославија успехот демонстративно ставајќи го во средината тренерот Рангник, што беше одговор на шпекулациите во печатот за наводна побуна на играчите против тренерот. Шалке и Хамбургер се единствени непоразени тимови по седум одиграни кола во новото првенство.

Борусија (М) победи на гости, нагорен тренд кај Штутгарт

На викендот и’ дојде крај на уште една серија: Борусија Менхенгладбах по 22 безуспешни обида и чекање од 532 дена, конечно забележа победа на гости. „Жртва“ беше Арминија Билефелд, а резултатот е 2 спрема 0. „Сега одиме понатаму. Мораме да работиме на тоа, ова да не биде повторно последна победа на гости за долго време. Се надевам дека во оваа сезона ќе уследи уште некоја. Но, прво е важно дека ни успеа да ја оствариме првата победа на гостувањата и многу сум среќен поради тоа“ – нескриено призна тренерот Хорст Кепел. Борусија Менхенгладбах скокна на седмата позиција на табелата со 11 бодови.

Пред неа е Волфсбург, кој по победата над Ајнтрахт од Франкфурт со 1 спрема 0, има 12 бодови. Волфсбург не блеска со сјајни партии, но сепак вредно собира бодови. Штутгарт дома го совлада сосем безопасниот Кајзерслаутерн со 1 спрема 0 со мајсторски гол на засилувањето Томасон и полека оди угоре на табелата.

Малер на Мајнц, Нирнберг сосем на дното

Мајнц ја имаше в рака победата над Борусија Дортмунд, но одбранбениот играч, некогашниот репрезентативец Кристоф Мецелдер во последната минута го постигна својот досега воопшто прв гол во Бундеслигата и му спаси бод на гостинскиот тим. Задоволството на Борусија е поматено од сознанието дека клучниот играч во нападот Јан Колер доживеа тешка повреда на коленото и можеби ќе отсуствува половина година. 9 бодови, колку што има Борусија Дортмунд на 9-тото место на табелата, има и десеттопласираниот Штутгарт, како и 11-от Келн.

Нирнберг по поразот на гости од Дуизбург со 1 спрема 0 се најде на последното место со 3 бода, Ајнтрахт и Мајнц имаат по 4, Арминија и Дуизбург по пет.

Кошарка: Грција подобра од Германија

Германската машка кошаркарска репрезентација не успеа да го повтори подвигот од 1993-та година и по втор пат да стане европски првак. Во финалето на првенството што се одржа во Србија и Црна Гора, Грција во Белград ја победи Германија со 78 спрема 62. Финалето донесе слаба кошарка. Во борбата за третото место Франција ја победи Шпанија со 98 сопрема 68. Германскиот ас Дирк Новицки е прогласен за најдобар играч на првенството.

Алонзо ја обезбеди титулата

24-годишниот Шпанец Фернандо Алонзо од тимот на Рено стана најмлад светски првак во историјата на светското првенство во автомобилизам формула еден. Нему на вчерашната трка во Сао Паоло му беше доволно третото место за веќе да биде недостижен во преостанатите две трки до крајот на шампионатот. Победник на Големата награда на Бразил е Хуан Пабло Монтоја, пред Кими Рајконен, објцата возачи на Мекларен Мерцедес. Овој тим го презеде водството во екипна конкуренција со два бода повеќе од Рено.

Седма титула за Роси

На трката за Големата награда на Малезија италијанскиот моторциклист Валентино Роси, возач на Јамаха, го освои второто место, што му беше доволно на 4 трки пред крајот на првенството да ја освои седмата титула светски првак - петта последовно. Победник на трката беше неговиот сонародник Лорис Капироси. Валентино Роси наводно е во контакт со тимот на „ферари“ од автомобилизам формула 1. Спортскиот директор Жан Тод го посакувал Роси како замена за Михаел Шумахер од 2007-ма година. Роси веќе порано направи тест-рунди со болид на „ферари“.

Германија во светската група во Девис-купот

Машката тениска репрезентација на Германија по две години повторно се врати во светската група, меѓу 16-те најдобри во Девис-купот по победата над Чешка во Либерец со 3 спрема 2.

Златен медал за Шлајхер

На светското првенство во велосипедизам во Мадрид Германката Регина Шлајхер ја освои титулата во друмско возење. „Имавме разни тактики. Сакавме можеби да се обидеме да останеме во челната група, но никако не се формира одвоена челна група, туку се’ некако се сведуваше на тоа дека ќе решава спринтот“ – рече новата светска првенка. Во финишот, со несебична помош од бранителка на титулата Јудит Арнт, Шлајхер прва мина низ целта.

Ногучи и Мањим победници во Берлин

На традиционалниот маратон по улиците на Берлин годинава учествуваа 40 илјади натпреварувачи од 103 земји. Во машка конкуренција победи Филип Мањим од Кенија со време од 2 часа, 7 минути и 41 секунда. Веќе шести пат последовно во женска конкуренција победува претставничка од Јапонија: олимписката победничка, 27-годишната Мизуки Ногучи, постави и нов азиски рекорд со време од 2 часа, 19 минути и 12 секунди. На петтиот свој настап на маратонот, Ногучи ја забележа четвртата победа.

Владимир Кличко ќе се бори за титулата

Помладиот од браќата Кличко, Владимир, го направи првиот чекор кон враќање на титулата светски првак во бокс. Во американскиот град Атлантик Сити, боксерот од Украина на поени со едногласно решение на судиите го победи во меч од 12 рунди Семјуел Питер од Нигерија. На Питер ова му беше прв пораз во професионалната кариера во која досега имаше 24 борби. Кличко дури во три наврати се најде во нок-даун, но севкупно зададе повеќе и почисти удари. Владимир Кличко сега се здоби со право да се бори за титулата светски првак во верзиите на ВБО и ИБФ.

Зоран Јордановски