1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Баерн запрен, пробив на Баер (Л)

Фудбалската Бундеслига веројатно не е најквалитетната во Европа, но секако е меѓу најзанимливите. Возбудлив почеток на сезоната во формула еден. Магдалена Нојнер - најмлад освојувач на светскиот куп во биатлон.

default

Славениците во формула еден: Хајдфелд, победникот Хамилтон и Розберг на подимуот во Мелбурн

На почетокот од минатата недела се чинеше дека барем борбата за титулата во Бундеслигата е решена, откако Баерн се здоби со 7 бодови предност. Веќе денеска може да се констатира дека е прерано за такви оцени, оти лидерот Баерн е поразен на гости кај довчерашниот фенер на табелата; очигледно, ништо во Лигата не е неможно. Тој исход ги замеша донекаде работите на врвот и ги искомпликува на дното. „Тоа воопшто не беше добар натпревар од нас и постојано наново се гледа дека не треба да се потцени ниеден противник“, рече репрезентативецот Марсел Јанзен по поразот на Баерн со 2 спрема 0 на гости кај Енерги во Котбус. Покрај двократниот стрелец Јелиќ, јунак во домашниот тим беше и голманот Герхард Тремел, кој при 1 спрема 0 одбрани пенал изведен од Франк Рибери. „Мислам дека Баерн ќе биде првак. Супер чувство е кога ќе се победи дома таков таков тим. Доживеавме голем момент“, вели Тремел.
Хамбургер втор, во врвот се вмешува и Баер (Л)
Во Хамбург домаќинот со многу мака стигна до победа во дуелот против Борусија Дортмунд со единствениот гол на Гереро во второто полувреме. „Радосен сум што освоивме три бодови и друго не ме интересира. Повторно направивме мал чекор напред за да ја постигнеме целта што си ја поставивме - да оствариме подобар пласман од лани“, изјави тренерот на Хамбургер Хуб Стевенс. Ова беше деветти последовен натпревар во кој неговиот тим не знае за пораз. Со фуриозен настап и победа против Нирнберг со 4 спрема 1 на трето место се проби Баер Леверкузен. „Се надевам дека ја правиме лигата возбудлива, но ова беше многу важен чекор и за нас, оти и Штутгарт е во подем, па ние повторно направивме растојание. Сега можеме со многу самодоверба да патуваме во Минхен“ - вели репрезентатовецот од Леверкузен Симон Ролфес. Баер има бод помалку од Хамбургер, а шест од лидерот од Минхен.
Вердер заостанува, Шалке фаќа приклучок
Вердер од втора падна на четврта позиција по поразот дома со 1 спрема 0 од пролетва досега најуспешната екипа во лигата Волфсбург. Се повтори приказната од претходните настапи на тимот од Бремен - ја диктира играта, а голови постигнува противникот. „Нема потреба да се разубавуваат работите. Нема потреба ни постојано да слушаме дека всушност сме играле сосем добро, одлично. Секој има потреба да доживее успех, а за нас тоа изостана во последните недели“ - резонира тренерот Томас Шаф. По седмиот пораз во првенството, неговиот Вердер сега заостанува седум бодови зад водечкиот и титулата објективно е предалеку. Токму како и за Шалке, кој по победата над Дуизбург со 2 спрема 1 е на петтото место со два бода помалку од Вердер. „Уште пред натпреварот предупредувачки реков дека Дуизбург е необично силен во дефанзивата и ќе мораме многу да работиме. Моравме да бидеме трпеливи, се разбира и да внесеме темпо во нападот. Тоа во второто полувреме го правевме подобро отколку во првото“ - анализира Мирко Сломка, тренер на Шалке. Поразот е посебно горчлив за Дуизбург, оти падна на последното место, а работите во Гелзенкирхен, всушност, долго се одвиваа поволно за гостите, како што укажува и тренерот Руди Бомер: „Многу е горко. Тактички стоевме многу добро, момците работеа одлично, со право во тоа време и поведовме со 1 спрема 0. Но, мора да се каже дека Шалке во второто полувреме многу го засили притисокот, а ние направивме две крупни грешки и бевме казнети - како и секогаш во таква ситуација. Штета за момците, за ангажманот што го вложивме“.
Успех на Ајнтрахт, изедначеност во „златната средина“
Во дуели на екипи од средината на табелата, Ајнтрахт постигна забележлив успех со победата од 1 спрема 0 на гости кај силниот тим на Карлсруер, со што го прескокна на табелата. „Одлично се држевме, добро го покривавме просторот, на противникот му дозволивме само мал број шанси. И покрај тоа, постојано се плашев - при толку наши неискористени шанси, да не примиме некаков глупав гол“ - призна тренерот на Ајнтрахт Фридхелм Функе. Ни Бохум, ниту Штутгарт не можат да бидат задоволни од нерешениот резултат 1 спрема 1, што важи и за Ханза и Херта, кои во Росток одиграа натпревар без погодоци. Штутгарт на 6-тото место има 38 бодови, Волфсбург, Ајнтрахт и Карлсруер по 36, Хановер 33, Херта 32, Бохум 31.
5 екипи во борба за опстанок, потенцијално загрозена и Ханза
Нерешено 2 спрема 2, но со постигнатите голови многу поинтересно беше во Хановер. Арминија, и покрај освоениот бод, жали по победата. „Мислам дека подобро отколку во првото полуврме ни не можеме да играме. Тоа беше речиси перфектна игра на гости, со еден мал дефект што многуте можности за контранапади не ги искористивме за победа. Се’ на се’, сепак нерешениот резултат е праведен“ - оцени Михаел Фронцек, тренер на гостинот од Билефелд. Арминија со 20 бодови падна на 16-тото место, кое води во втората лига. Енерги пред неа има исто така 20, Ханза на 14-тото место 24, 13-тата Борусија е со 29 бодови. На последните две места, пак, со по 18 бодови, се Нирнберг и Дуизбург.
Хамилтон од стартот најави аспирации за титулата во формула еден
Новото светско првенство во автомобилизам формула еден имаше бурен почеток. Од 22 на стартот, само 7 болиди стигнаа до целта, три пати влегуваше сејфти-кар на патеката додека да се расчистат остатоците од спектакуларни судари и излетувања. Луис Хамилон од почетокот навестува дека сака да го постигне она, што му избега во последната трка лани - титулата. Ако болидот на Мекларен Мерцедес го служи како во неделата, големи му се шансите да успее. Уште повеќе ако шампионски возила на Ферари демонстрираат слабости како на стартот на новото првенство, кога ниедно не издржа до крајот на трката. Сепак, првакот Рајконен осови еден бод со осмото место, откако по трката беше дисквалификуван возачот на Хонда Баикело. Големата награда на Австралија во Мелбурн им донесе огромно задоволство на Хик Хајдфелд од БМВ Заубер, кој го освои второто место, и на Нико Розберг од Вилијамс, кој како третопласиран за прв пат во кариерата се искачи на подиумот за најдобрите. Четврти беше Фернандо Алонзо, во оваа сезона возач на Рено, тим со кого порано освои две титули светски првак. Веќе в недела ќе се вози за Големата награда на Малезија, втората трка од новото првенство.
Шапка долу пред Магдалена Нојнер
Изминатата скијачка сезона и’ донесе голем успех на Магдалена Нојнер: со вчерашното деветто место на трката во Холменколен кај Осло во Норвешка, во која победи Кати Вилхелм, таа ја обезбеди севкупнтата победа во светскиот куп во биатлон. 21-годишната Нојнер, цариник од Валгау во Баварија, е најмлада досегашна освојувачка на големиот кристален глобус во историјата на светскиот куп во биатлон. „Мислам дека ми е ова најголем успех во кариерата досега, иако веќе имам шест медали од светските првенства. Ова е награда за она што го прикажав во текот на целата сезона“ - рече пресреќната Магдалена Нојнер. А коментарот на сојузниот тренер за биатлон Уве Мисиганг гласи: „Мора да се искаже огромен респект, десет пати да се симне шапка за тоа како една толку млада спортистка успеа да излезе на крај со огромниот притисок“.