1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Бадинтер: Mора да се создаде заеднички народ

Францускиот сенатор Роберт Бадинтер беше на страната на Македонија во клучни моменти, при признавањето на независноста и за време на конфликтот во 2001 година. Во интервју за Дојче веле, тој говори за тие моменти.

default

Роберт Бадинтер

Францускиот сенатор Роберт Бадинтер, поранешен министер за правда и претседател на Уставниот совет на Франција, во моментов е и претседател на групата за пријателство Франција-Западен Балкан во Сенатот (горниот дом) на францускиот парламент. На македонската јавност тој и` стана познат по претседавањето со Арбитражната комисија за земјите од поранешна Југославија, која даде позитивно мислење за меѓународното признавање на Република Македонија во 1992 година.

Во разговорот што го водевме со него, тој се согласи да се наврати на некои од овие прашања, давајќи до знаење дека не сака многу да зборува за актуелните случувања во и околу Македонија.

За препораката на Арбитражната комисија, за легитимното признавање на Република Македонија, Бадинтер нагласува дека „таа одлука беше само одраз на правните принципи“, кои во тој момент петте члена на Арбитражната комисија, сите претседатели на уставни судови, праведно ја донесоа.

„Кога Арбитажната комисија го даде своето мислење, таа тоа не го направи за да му причини задоволство на македонскиот народ. Таа го стори тоа, бидејќи според нас беше израз на правото. Ниту еден судија или правник не смее да се стави во ситуација да мисли дека на некој му пружил услуга. Да се каже правото, тоа беше нашата задача“, вели Бадинтер и додава:

„Наша задача беше да сториме сé што може да придонесе за зацврстување на правната држава во целиот свет и особено во Европа, потоа, признавањењто на правата, како тие на Македонците, за постоењето на Македонија, сé што на тој начин подготвува за Европската Унија... И ако сум придонел во таа област, тоа е добро, јас сум задоволен. Би рекол дека тоа се случи во значаен момент на европската историја, јас сум длабоко европски определен човек.“

„Бадинтеровиот принцип“ како решение

Crvenkovski - Orden - Badinter

Бадинтер при врачувањето на орденот „8 септември“

Воспоставените пријателски односи со македонските политичари и посебно со претседателот Киро Глигоров, доведоа тој да биде повикан да даде уставни совети за излез од конфликтот во кој се најде Македонија во 2001 година. Бадинтер ги даде своите совети, но потоа на некој начин се повлече од она што денес му се припишува како заслуга во Македонија, а тоа е „двојното мнозинство“, или таканаречениот „Бадинтеров принцип.“

Во интервјуто за париски „Ле Монд“, објавено во летото 2001 година, тој објаснуваше дека кога во 2001 ја посетил Македонија и на 26. и 27. јуни 2001 се сретнал со главните политички раководители, јасно ставил до знаење дека „не сака да го замени законодавачот“. Откако ги сослушал тогашните македонски лидери, Бадинтер јасно им рекол дека изгледа „невозможно да се практикува“ „консенсуална демократија“, бидејќи според него „консензусот ништо не решава.“ Бадинтер во таа прилика објаснил дека правилото на консензус го забранува владиното раководење на една земја, која се наоѓа во тешкотија.

„Консензусот е да се препушти власта на малцинствата. Тоа не можи да функционира и потребно е да се бараат нови форми на задволувања на легитнимните барања“. А, тоа, според Бадинтер, е можно преку димензијата на локалната, многу децентрализирана демократија, која тој ја нарекува „блиска демократија“. Односно за да се задоволат барањата на албанското малцинство, тој посоветувал Македонија да ја развива директната демократија, која ќе ги задоволи длабоките потреби на граѓаните и притоа да се внимава да не дојде до дискриминација на малцинствата на локално ниво.

Во тој дел Бадинтер смета дека бил разбран во Македонија, но во однос на сегашниот „Бадинтеров принцип“ и процентуалната застапеност на малцинствата во администрацијата, тој уште пред десет години оцени дека: „Тоа не е решение, бидејќи ризикува да ја парализира администрацијата и да создаде групи со сите привилегии и предности, наместо да создаде еден заеднички народ, една заедничка нација. Етничкиот пристап ризикува да го влоши она што, всушност, треба да се надмине“.

Иднината е во ЕУ

Бадинтер тогаш сметаше дека антидискриминаторските мерки треба да бидат водечките заедно со легитимните барања за образование. Затоа не случајно кога поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски го одликуваше со орденот „8 септември“ во 2007 година, Бадинтер ги кажа овие зборови.

„Секогаш кога ќе можам да и` бидам од корист на Македонија ќе го направам тоа, па дури и со измислување на нови уставни норми, за кои со задоволство научив  дека го носат моето преизме -  таа за двојното мнозинство, кое е многу сложено учење  резервирано за семинарите на правните факултети.“

Иднината на Македонија Бадинтер ја гледа во рамките на Европската Унија.

„Таа е многу едноставна и многу јасна. Зачленување во Европската Унија колку што е можно побрзо. Не ме прашувајте за датуми, нема да можам да ви одговорам со точност.“

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Трајче Тосев