1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Бадинтер: “Орден за правото, а не за скромниот толкувач“

Францускиот сенатор и поранешен министер за правда и претседател на Уставниот суд, Робер Бадинтер е првиот странски државјанин кому му е доделен орденот „8-ми Септември“ за покажани и докажани заслуги за Македонија.

default

Просториите на македонската амбасада во Париз беа претесни за да ги соберат сите оние кои сакаа да присуствуваат на врачувањето на орденот „8-ми Септември“ на Робер Бадинтер од страна на претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски.

Во таа прилика македонскиот претседател потсети дека Бадинтер придонесе во два клучни момента од историјата на Македонија - во периодот на осамостојувањето и меѓународното признавање на земјата и во 2001 година, со заложбите за уставните измени и воспоставување стабилност и мултиетнички соживот во државата.

„Токму во времето кога многумина имаа резерви во однос на потенцијалите за опстојување на новата држава на меѓународната сцена, пристигна мислењето од највисокиот правен авторитет кој со силата на аргументите го постави фундаментот на кој беше поставена државата.“ – нагласи Црвенковски, потсетувајќи дека Бадинтер беше присутен и десет години подоцна, кога Македонија беше соочена со сериозна криза и голема меѓуетничка недоверба.

Пријател на Македонија

Заблагодарувајќи се за убавите зборови искажани од претседателот Црвенковски, Робер Бадинтер со голема скромност рече дека ова одликување за него лично, покрај што претставува знак на пријателството...:

„Многу повеќе му го посветувам на принципот на правото, отколку лично себе си. Бидејќи тоа што претседавав со Арбитражната комисија за време на мировната конференција за поранешна Југославија е игра на случајот.“

За препораката, која оваа комисија ја даде за легитимното признавање на Република Македонија, Бадинтер нагласи: „Таа беше само одраз на правните принципи, кои во тој момент петте членови на Арбитражната комисија, сите претседатели на уствани судови, праведно ја донесоа. Затоа реков дека ова одликување го заслужува правото, а не неговиот скромен толкувач!“

Притоа Бадинтер стави посебен акцент на пријателските односи кои ги воспостави со Република Македонија и нејзиниот тогашен претседател Киро Глигоров, оддавајќи му почит на Глигоров за сé што Македонија и Македонците му должат. И не само тие, туку и Балканот и Европската Унија.

Преку трње до ѕвездите

Што се однесува за иднината на Република Македонија, Роберт Бадинтер беше јасен:

„Иднината на Македонија се разбира се запишува во рамките на Европската Унија. Знам дека патот е тежок. Но затоа ќе се послужам со девизата на големиот ред на Језуитите, чие учење не сум го следел - Per aspera, ad astra! (преку трње до ѕвездите)“

Изразувајќи среќа и задоволство поради високото признание, Роберт Бадинтер пред пристутните гости на церемонијата, изрази подготвеност, ако за тоа се покажи потреба и понатаму да и помага на Македонија.