1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Баварија бара итни мерки против злоупотребата на азилот

За разлика од Сирија, Авганистан или Ирак во Србија не се пролева секојдневно крв. Граѓаните на Србија меѓутоа ја предводат листата на баратели на азил. Тоа е неприфатливо, вели баварскиот министер за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи на Баварија Јоахим Херман бара Германија на сојузно ниво да преземе итни мерки против силниот пораст на барателите на азил од земјите на поранешна Југославија и Албанија. „Масовната злоупотреба на азилот би морала да биде спречена“, рече Херман. „Не можам да прифатам, овие земји да ја предводат листата на земјите на потекло, иако квотата на признавање (на азил, н.з.) е еднаква на нула“, рече Херман за новинската агенција дпа.

Притоа се работи главно за баратели на азил од Србија, кои според податоците на Херман во изминатата година со доставени 18.001 барања за азил се на врвот на листата на земјите на потекло. Македонците се на четврто место. Граѓаните од Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора за патувањето во ЕУ веќе неколку години не мораат да поседуваат влезна виза. Во целата Европска унија државјаните на овие пет држави во 2012 година поднеле околу 47.000 барања за азил, квота од 13 проценти.

„Во коалицискиот договор постигнавме согласност, државите од Западниот Балкан, од каде доаѓаат голем број барања за азил, во законот за постапка за добивање на азил да се третираат како сигурни земји на потекло“, дополни Херман. „На овој начин барањата за азил без изгледи можеме да ги обработуваме поефикасно и побрзо да се заврши престојот во Германија“.

Политичарот од Христијанско-социјалната унија аргументираше дека барањата од југоисточна Европа одат на товар на легитимните бегалци. „Поради безизгледните барања за азил значително се оддолжува обработката за луѓето од земји каде навистина може да се смета со политичко прогонување“.

Херман предлага, на барателите на азил од сигурни земји на потекло во првите три месеци по стигнувањето да им се скрати паричниот надомест. Барањата се доставуваат пред сѐ поради паричниот надомест, кој поради пресуда на германскиот Уставен суд од 2012 година е покачен. Херман подвлекува дека кога доаѓаат цели семејства брзо се собираат големи суми пари, кои значително ги надминуваат можностите за заработка во земјите на потекло.