1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

А 350 – одговор на Ербас на Боингот 787

Тој треба да биде “најекономичен и најкомфорен” авион, а ќе почне да се испорачува од 2013-та година. Многу нејаснотии во врска со проектот вреден 10 милијарди евра.

Боинг и Ербас - фотомонтажа

Боинг и Ербас - фотомонтажа

Европскиот производител на авиони Ербас излезот од кризата го гледа во проектот за нов авион за долги релации – во понеделникот беше одобрено градењето на моделот А 350. Поубав, поширок и поекономичен – така Ербас го фали својот нов модел А 350 ХВБ. Вносниот пазар на волуминозни авиони за долги релации со 250 до 350 седишта Ербас не сака да му го препушти на конкурентот Боинг, и покрај сите финансиски турбуленции околу одолговлечената испорака на моделот А 380.

Американците ќе бидат присутни на пазарот со нивниот Б 787 од 2008-ма година. За тој авион Боинг веќе има 432 нарачки. Севкупната потреба во наредните 20 години во тој сегмент, во кој се остваруваат повеќе од две петини од сиот промет, Ербас ја проценува на 5700 авиони. Во Ербас веруваат дека со подобар и поудобен авион кој ќе троши до 25 проценти помалку гориво, иако ќе биде испорачуван дури од 2013-та година, ќе можат да опстојат на пазарот.

Развојот ќе чини 10 милијарди евра. Ербас сака во развојот на новиот модел да ги вклучи лиферантите преку партнерства со споделен ризик, нагласи неговиот водечки менаџер Луј Галуа на прес-конференција во Париз. За поединости, посебно за прашањето за државни гаранции, Галуа сосем свесно не сакаше да заземе став. Темата е скокотлива, дотолку повеќе што Ербас упати до Светската трговска организација приговор против Боинг поради државно субвенционирање на неговите комерцијални авиони. На пример, во новиот авион за долги релации Б 787 се вградуваат материјали развиени од вселенската агенција НАСА. “Нема непосредна потреба од финансирање. Ние само бараме исти конкурентски услови. Решение се’ уште не е донесено, ниту претстои” – рече Галуа.

Скокотливо е и прашањето за местата во кои ќе се произведува новиот модел на Ербас. Французите сакаат тој да се гради во Тулуз, што Галуа не сакаше да го потврди: “Не сакам да се искажам за тоа каде ќе се одвива производството. На претставниците на вработените и на локалните инстанци на почетокот на наредната година ќе им дадеме глобален преглед. Не сакам денеска да завлегувам во тоа, така што за некои точки би зборувал, за други не. Тоа значи дека официјално ништо не е решено и ние сето ќе го ставиме во еден севкупен пакет”.

А 350 ќе обезбеди работни места, но можеби не подеднакво на сите места во кои се одвива производството на авиони на Ербас.