1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Аџиев разочаран од критиките

Претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев оценува дека лустрацијата на академиците, писателите, уметниците не била пресметка со нив и дека не се вршела селективно.

default

Опструкциите и критиките за процесот на лустрација доаѓаат од организирани центри кои се во функција на заштита на една лажна елита, која во минатото е создадена со лажење и кодошење на неистомислениците. Ова се дел од констатациите на првиот човек на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, кој во последниот период, особено по обелоденувањата на значајни имиња од МАНУ, стана предмет на секојдневни критики.

Во саботното интервју за „Прес24“, Аџиев вели дека овие критики не ги чувствува како притисок, туку како големо разочарување.

„На почетокот на мандатот, додека Комисијата се организираше, додека ги донесе актите и го воспостави системот на работа, од овие исти кругови беше критикувана зошто се' уште нема резултати, а сега, кога процесот влезе во целосна реализација, а особено кога на увид на јавноста почнаа да излегуваат имињата на некои 'значајни' личности, тие истите кренаа уште поголема прашина“, вели Аџиев.

Како прв човек на Комисијата за верификација на фактите, каде треба да остане до јануари 2014, Аџиев вели дека лустрацијата на академиците, писателите, уметниците не е пресметка и омаловажување на нивните дела, туку обелоденување на нивните политички врски од минатото.

За него е многу симптоматично, „како тоа Академијата и Друштвото на писателите на Македонија разбраа (или можеби знаеја) за кого се однесува нешто што воопшто не излезе во јавноста од Комисијата”, алудирајќи на досието на Славко Јаневски, по кое и се крена бурата.

„Но, факт е дека тие го обелоденија тоа име, и го 'предадоа на јавноста'. Доколку не беа толку себични и сурови, јавноста воопшто немаше да добие сознанија за таа личност“, вели Аџиев.

Аџиев уверува дека Комисијата немала селективен пристап и работи според законите. „Секој кој поседува валидни сознанија и податоци за некое лице дека бил соработник, нека ги достави до Комисијата, таа веднаш ќе отпочне со постапка за утврдување на фактите. Ве уверувам дека Комисијата, воопшто не селектира кој е близок до власта, а кој до опозицијата“, истакнува Аџиев.

Според Аџиев, членот на Комисијата Чедомир Дамјановски бил задолжен за опструкција на работата на Комисијата. „Тој, како да е уфрлен адвокат на 'кодошите' пред Комисијата и јавноста. За жал, еве и по четири и пол години човекот ниту го разбра процесот на лустрација, ниту неговата улога на член на Комисијата. Јас стално му го поставувам прашањето, зошто, кога не се согласува со процесот на лустрација не си даде оставка од членството во Комисијата и се ослободи од овој, за него, голем товар“, вели Аџиев.