1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Ајнтрахт Франкфурт – меѓу желбите и реалноста

Во градот каде што е седиштето на Германскиот фудбалски соуз, на новоизградениот стадион за Светското првенство во минатата година, игра Ајнтрахт од Франкфурт.

default

Ајнтрахт во постојана битка за опстанок што не смее да биде негова главна цел

Клубот што им припаѓа на основачите на Бундес лигата, четирипати беше победник на националниот куп и еднаш германски првак – во 1959 година.

Двајца негови фудбалери, Јирген Грабовски и Бернд Хелценбајн, беа членови на фудбалската репрезентација што стана светски првак во 1974 година.

Јирген Грабовски, супер-ѕвездата на Ајнтрахт со која клубот ги доживеа најславните денови во седумдесеттите години, смета дека екипата и сега мора да има повисоки цели. Грабовски сегашните можности на клубот мошне критички ги проценува:

„Не ја напуштивме лигата! Секако тоа не треба да биде наша цел, секоја сезона да се бориме за опстанок. Мора целите да ги поставиме повисоко без притоа да ја губиме од предвид конкуренцијата во Бундес лигата. Една од маните на Ајнтархт во последно време е што премалку победува на домашен терен и тоа при исклучителен просек од 46 илјади гледачи по натпревар„.

Јирген Грабовски кој му беше верен на Ајнтрахт цели 15 години, одигра преку 400 прволигашки натпревари и приота никогаш да не биде сменет, беше еден од најзаслужните за големите успеси. На пример, при освојувањето на националниот куп во 1974 и 75 година: Репортерите јавуваа:

„Ајнтрахт Франкфурт го победи Хамбургер со 3 спрема 1 и на тој начин за првпат во неговата историја е победник на купот„.

Или при победата во купот на УЕФА во чисто германското финале против Борусија од Менхенгладбах во 1980 година. Повторно коментарот на репортерот:

„... Нојбергер ја исфрла топката и натпреварот заврши. Купот на УЕФА останува во Франкфурт„!

Нојбергер, Никел, Грабовски или Хелценбајн се имињата на луѓето што ги постигнуваа успесите во тие денови, кои како играчи од регионот, оставија неизбришливи траги.

Заминувањето во други клубови тогаш беше само исклучок: идентификацијата со Ајнтрахт исклучително голема. Уште еднаш Јирген Грабовски:

„Личностите што сега ги спомнуваме, Никел, Нојбергер, Грабовски, Хелценбајн, секој од нив комплетно се идентификуваше со екипата. Кога 15 години се игра за иста екипа, а од тоа 11 години како капитен, тоа беше сосема разбирливо„.

Успехот беше заслужената награда за припадноста кон клубот. Грабовски доживеа две победи во националниот куп, додека Чарли Кербел дури сите 4. По последната победа во купот во 1988 година Кербел изјави:

„Секако е супер четирипати да се победува во купот. Морам да кажам дека сум вистина многу среќен„.

Во годините потоа, Ајнтрахт главно доживуваше негативни моменти. Одделните нервозни фудбалери, честото менување тренери, меѓу нив и познатите како Феликс Магат или Јуп Хајнкес, како и постојаните битки за функции, на Ајнтрахт му го донесоа гласот на скандалозна екипа. По првото заминување во Втората лига во 1996 година, следуваа уште две. Иако екипата со Хериберт Бруххаген како претседател и со актуелниот тренер Фридхелм Функел, во меѓувреме ја доби потребната сериозност, и денес Ајнтрахт се наоѓа во латентен конфликт меѓу големите аспирации и сосема скромната реалност.

Тренерот Функел оценува:

„Старите времиња се уште се многу далеку„.

А, ветеранот Грабовски го дополнува:

„Ако на фудбалерите им успее една добра сезона и вистински се однесуваат кон потенцијалот публика, тогаш Ајнтрахт може да напредува„.