1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ајкер: да нема заплашување на гласачите

Првиот човек на ОБСЕ и ОДИХР во Македонија, Питер Ајкер смета дека главната одговорност за регуларни избори е кај Владата. За преодна оценка не е потребно само да се спречи насилството. Со Ајкер разговара Горан Петрески.

default

Логото на ОБСЕ и ОДИХР

Господине Ајкер, по последните избори во Македонија се создаде атмосфера дека следните избори ќе бидат успешни, доколку нема насилство. Какви избори очекувате?

Секако, очекувам да нема насилство, се надевам дека изборите ќе бидат успешни, но насилството е само еден од многуте аспекти кои ги следиме во рамките на изборите. Гледаме се`, од изборната администрација до однесувањето на кандидатите и политичките партии, урамнотеженоста на медиумите, дали се исти правилата на игра за сите кандидати, но и како се одвива самиот ден на изборите, дали процесот е фер и дали има неправилности на денот на гласањето. Секако се надеваме дека нема да има насилство. Досега видовме многу малку насилство, што е добар аспект, но тоа е само една од многуте работи кои се случуваат при еден демократски процес.

Кои се другите аспекти кои мораат да бидат исполнети за изборите да бидат според меѓународните стандарди?

Веќе наведов неколку од нив. Првo мора да постои разумен закон за избори, треба да се има непристрасна и чесна изборна администрација, мора да постојат медиуми кои ги пренесуваат информациите до луѓето на избалансиран начин за да донесат одлука врз основа на тоа, мора да се почитуваат човековите права за кандидатите и политичките партии да можат да имаат слободни кампањи, без насилство или заплашување. Сите овие фактори се важни за да се одржат добри избори. Секако, процесот мора да е фер и луѓето мора да имаат доверба во него.

Дали Македонија има капацитет да организира избори според меѓународните стандарди?

Секако дека има капацитет да организира избори според меѓународните стандарди. Прашањето е до кој степен ќе се случи тоа во дадениот контекст. Мислам дека земјата има изборна администрација која досега се однесува непристрасно и чесно. ДИК напорно се труди да заврши добра работа, иако нема многу ресурси за работа од голем обем. Мислам дека постојат добри аспекти на изборниот закон, како лотаријата со која се бираат членовите на изборните одбори од редовите на јавната администрација, така што има многу работи кои се многу добри. Она што треба да го следиме и за што сме загрижени дека може да се случи, се работи како насилството, што се уште не е проблем на овие избори, но може потенцијално да биде проблем, понатаму проблеми како заплашувањето на гласачите. Слушнавме многу наводи за заплашување, но не сме постигнале никаков заклучок по тоа, работи како мамење на изборниот ден и нема да знаеме се до денот на изборите што ќе најдеме во врска со тоа.

Господине Ајкер, како ја оценувате досегашната кампања?

Кампањата, овде во БЈРМ е многу куса, само 19 дена, но таа е многу активна. Имаше ТВ дебати меѓу претседателските кандидати, што е многу добра работа, имаше средби на лидерите на четирите најголеми политички партии, во обид да се постигне договор за смирена кампања, што е добро, така што видов многу позитивни работи на почетокот на кампањата.

Дали сиве овие работи ветуваат избори според меѓународните стандарди?

Тоа се многу добри знаци, ако продолжите вака...

Во рамките на вашите внатрешни извештаи, забележавте одредени нерегуларности. Некои од кандидатите биле заплашувани, а некои медиуми не известувале избалансирано. Може ли да ги прецизирате досегашните нерегуларности?

OSCE Organization for Security and Cooperation in Europe

Загрижени сме за неколку работи. Немаме постигнато никаков заклучок за нерегуларностите, зошто уште сме на почетокот, но спомнавте, еден од нив беше заплашувањето и продолжуваме да слушаме од луѓето ширум земјата дека има проблеми со такво нешто. Слушаме дека луѓето се исплашени, дека стравуваат да не ги загубат работните места ако ја поддржат опозицијата. Всушност, ако ова навистина се случува, тоа би бил голем проблем за демократски избори. Тоа е еден проблем.

Според вашите сознанија колку е честа оваа појава? Мислам на заплашувањето?

Заплашувањето е многу тешко да се докаже. Ние следиме, прашуваме, ги слушаме луѓето насекаде, и толку често слушаме за тоа, што не загрижува. Но, се уште не сме постигнале заклучок за тоа колку е тоа раширено, колку е веродостојно и колку од тоа се наводи.

Имате имиња и конкретни ситуации?

Имаме неколку и ги разгледуваме, но обично луѓето не молеа да не им ги користиме имињата, заради очигледни причини. Исто така малку сме загрижени и за гласачкиот список, бидејќи има многу граѓани кои се во странство, но нивните имиња се наоѓаат на списокот. Тоа е во ред, нормално, но имате голем број луѓе што се надвор од земјата на денот на избори. Тоа може да отвори можност за манипулација со гласачкиот список. Го слушаме ова како загриженост од страна на повеќе политички партии и кандидати, па многу одблизу ќе го следиме тоа. Има и неколку помали проблеми, како предвремено водење кампања. Иако не требаше многу луѓе предвреме ја започнаа кампањата, но не слушнавме многу поплаки за ова. Но јасно е дека тоа е поситна нерегуларност. Потоа постои прашањето на траснпарентноста на финансирањето на кампањите, за ефикасноста на процедурата за жалби, за луѓето коишто се жалат, но сиве овие работи се следат многу внимателно, и повторувам дека не сме го донеле конечниот заклучок. Овие работи ги спомнав како грижи, а не како работи кои сме ги оцениле како неправилности.

Кое е нивото на соработка со македонските власти? Им кажавте за овие неправилности?

Да, јасно им ги наведов овие работи на различни состаноци со високи владини претставници. Соработката е многу добра, сериозно го сфаќаат она што ќе им го кажам, но од нив зависи што ќе сторат околу тоа.

Дали зголемувањето на бројот на набљудувачи значи дека сте загрижени дека повторо ќе има проблеми?

Главната причина за зголемувањето на бројот на набљудувачите е зашто во исто време имаме локални и претседателски избори. Многу е потешко да се следат 85 кандидати отколку еден, како што беше за време на парламентарните избори. Така што, потребни ни се повеќе луѓе ширум земјата за да можеме добро да ја завршиме работата и тоа не мора да е знак дека очекуваме повеќе проблеми во споредба со минатото.

Ќе ги покривате сите гласачки места или само некои од нив?

Би сакал да можеме да ги покриваме сите гласачки места, но нема шанси да ги покриеме сите. Ги има премногу, а нашите ресурси се органичени. Се надеваме да имаме околу 300 набљудувачи. Во земјата има околу 3000 гласачки места, и ако можеме да посетиме половината од нив, ќе бидам многу задоволен.

Како одлучувате кои гласачки места да ги покриете, по колку време да се задржите на одредено место . ..

Ги распоредуваме нашите краткорочни набљудувачи низ целата земја на денот на изборите, и потоа се делиме. Секој од нив добива мал дел од земјата со можеби 20, 30 или 50 гласачки места и им велиме тие да изберат. Многу е неопределено. Никој однапред не знае каде оди, никој не може да погоди, и така имаме добро покривање на земјата.

Кој е одговорен за изборните нерегуларности, политичките партии, или гласачите?

Примарната одговорност за одржување демократски избори е кај властите, Владата. Втората е кај политичките партии, лидерите и кандидатите, кои треба да се однесуваат одговорно и да се уверат дека и нивните поддржувачи се однесуваат на истиот начин. Конечни, секако тоа е одговорност на сите гласачи, да си ја сфатат својата улога сериозно.

Како ја оценувате реакцијата на властите за она што се случи на минатогодишните избори? Дали прекршителите на законот се соодветно казнети?

Mazedonien Wahlen 1

Да не се повторат инцидентите од ланските предвремени парламентарни избори

Ќе кажам две работи за ова: прво, од сите владини претставници слушам, гледам кај сите политички партии, лидери и кандидати со кои се среќавав дека овој пат се решени да имате подобри и сакаат мирен, демократски процес. Тоа е многу добар знак. Второ, во врска со гонењето на учесниците во ланските нерегуларности, се уште не сум задоволен од она што го видов во овој процес. Имаше повеќе од 200 обвинети за различни видови на изборни прекршоци, но многу мал дел од нив досега се осудени. Мислам дека сериозноста на изборните прекршоци бараат поцврст одговор.

Дали крајната оценка ќе биде задоволителна, ако на денот на изборите нема пукање и убиства? Или очекувате многу подобри избори ?

Сакам нешто многу подобро за Македонија. Мислам дека земјата заслужува многу подобри избори, луѓето овде заслужуваат многу подобри избори и би бил многу разочаран ако има пукање, ако некој е убиен, но мислам дека треба да имате слободен, фер, чесен и транспарентен процес, како што се очекува на демократски избори. Не е доволно само да нема насилство. Треба и процесот да е добар.