1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ајбах – семејно претпријатие со светска слава

Верувале или не, класичните амортизери со федери, што се уште ги користи половината од болидите во светскиот шампионат во формула 1, доаѓаат од едно мало непознато гратче од Германија. Фирмата Ајбах од Финентроп е производител а најдобрите системи за армотизирање не само кај супер брзите и славни автомобили, туку и за огромни дизел мотори вградени во бродови, за жичари, но и за детски играчки. Целиот овој спектар е животно дело на семејството Ајбах, кое почна со само четворица вработени.

“Уште како многу млад морав веќе да преземам одговорност. Тоа значи уште со 18, 19 години, бидејќи татко ми беше болен на белите дробови и мораше често да престојува во болница, така што јас морав по цели четири, пет недели сам да носам одговорност за претпријатието. А кога имав 24 години веќе сиот товар падна врз мои плеќи“ - се сеќава Вилфрид Ајбах, најзаслужниот за големиот пробив што го постигна малото семејно претпријатие од гратчето Финентроп.

За тоа како се одвиваше излегувањето на големите светски пазари, тој вели:

“Особено заслужен е денеска се уште познатиот човек од автомобилската индустрија, Ханс Вернер Ауфрехт, инаку основач на претпријатието АМГ, кое денес му припаѓа на концернот Мерцедес. Тој не откри, долго не барал и на крајот не нашол, како производители на високо квалитетни производи, кои се пласираат во мали серии. И тука дојде таканаречениот аха-ефект. Јас се прашав тогаш, зошто сите ги запоставуваат амортизерите со федери и се сетив тогаш на она што значи маркетинг и се ангажирав. Денес многумина велат: Ајбах им даде име на федерите!“

За експанзијата што уследи по ваквиот храбар и мудар чекор зборуваат бројките сами по себе. Во 1960-та година фирмата Ајбах имаше само четворица вработени, во 1970-та 46, во 1980 105. Една од клучните тајни на ваквиот тренд е готовноста да се извезува и со тоа да се наоѓаат постојано нови пазари. За едно мало претпријатие од мало гратче, нешто што не е само по себе разбирливо:

“За тоа е неопходен прво личниот интерес и така да речам одредена слобода од ограничувањата, имено, извозот да не се смета како нешто страшно. Добро се сеќавам дека пред 30 години Холандија беше за нас толку далеку, во мисловен и секој друг смисол, колку што денес не е дури ни Малезија. И до толку морав да се ослободам од таквите пречки во мене. Од тогаш се тргна како само по себе!“ - вели Вилфрид Ајбах.

Извозните успеси повлекоа со себе основање филијали во Велика Британија, во Австралија, Јапонија и за големиот успех пред се важно – САД. Почетокот на пробивот во Калифорнија не беше воопшто лесен, но во секој случај беше од суштинска важност за вкупниот успех на претпријатието:

“Го предупредувам секого, кој на таков чекор би му пришол лекомислено. Стекнувањето признание од другата страна на Океанот бара големо трпение, се едно колку сте добри и квалитетни. Американците прво неколку години набљудуваат од страна колку сте издржливи, а кога еднаш ќе стекнете признание, тогаш се отвора огромен пазар.“

Среќа да ужива дел од добробитта што ја носи пробивот на американскиот пазар имаше и Франц Кросл, по потекло од Романија, кој во фирмата Ајбах е задолжен за оној дел од рачната работа што не можат да ја вршат машини или нивниот ангажман не се исплаќа, бидејќи е потребен многу мал број финални производи, како на пример кај болидите за Формула 1. Неговата приказна сведочи впрочем и за блискоста на контактите меѓу шефот и неговите соработници во семејното претпријатие Ајбах:

“Еден ден отидов кај шефот и го прашав, повеќе од шега бидејќи толку ни раскажуваше колку е убаво во Америка, дали еднаш ќе ме земе и мене на пат. Но, тој го сфати сето сериозно, ме зеде со себе и јас останав таму дури три месеца. На Американците имав прилика да им покажам како се прави тоа, како се пресметува рачната изработка на некој федер и многу ми се допадна таму!“ - раскажува Франц Кросл.

Таткото на големиот успех, Вилфрид Ајбах е се уште во полн ангажман за претпријатието. Околу 45% од времето го минува во седиштето на фирмата во малото гратче Финентроп, 40 проценти во филијалата во САД, а останатите 15% ширум светот. Така на пример тој ни открива дека претстои отворање филијала во Јужна Африка. Но, до година сега 61-годишниот Вилфрид Ајбах ќе се повлече и главниот товар ќе му го префли на својот син Ралф, кој е веќе подготвен да ја продолжи успешната приказна на малото семејно претпријатие со светска слава.