1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети: Трагедијата да ја надминеме заеднички, без прејудицирање

Во рамки на посетата на Македонија, претседателот на Албанија Бамир Топи се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахмети во партиското седиште во тетовска Мала Речица.

default

На средбата во Мала Речиси меѓу албанскиот претседател Бамир Топи и домаќинот Али Ахмети се разговарало и за актуелните политички случувања во Македонија, како и за регионалната соработка со Албанија и со Косово.
„ Го информирав високиот гостин и за нашата волја за решавање на прашањето околу името како единствена пречка за зачленување на Македонија во НАТО. Ја искажав нашата заложбата за што побрзо затворање на ова прашање и Македонија, како и Албанија, да стане дел од НАТО. На крај му порачав на претседателот Топи дека ја споделуваме и тагата за изгубените пет животи на нашите сограѓани“, изјави Ахмети, упатувајќи сочуство до семејствата на жртвите.
„Ова е тежок криминален акт, но животот мора да продолжи и трагедијата да ја надминеме заеднички без прејудицирање“, рече Ахмети.

Односите меѓу двете земји се на високо ниво какво што не било досега, изјави по средбата во Мала Речица, албанскиот претседател Топи, изразувајќи благодарност до институциите на Македонија, каде, како што посочи се цени придонесот на албанскиот фактор, особено оној на Али Ахмети.
„ Албанија и албанската држава ги следат овие коректни односи помеѓу нашите две земји и тоа не само поради географијата бидејќи не дели една само административна граница. Таа сега се минува само со лична карта и ние се залагаме се повеќе да се олеснува слободното движење како што тоа се случува насекаде во Европа. За успешните добрососедски односи зборував и со претеседателот Иванов и ве уверувам дека Албанија ќе даде директна поддршка за Македонија што побрзо се зачлени во НАТО и заеднички двете земји да влезат во ЕУ, изјави Топи.
На средбата се разговарало и годинашното одбележување на 100 години од независноста на Албанија.
„ Сакаме со оваа јубилејна прослава да ги промовираме добрососедските односи и да се оствари проектот за стабилен Балкан. Политиката треба да ги отвори патиштата за бизнисот и слободното движење на луѓето и така да станеме дел од ЕУ и да ги надминеме историските проблеми. Јас уште еднаш му се заблагодарив на Ахмети за придонесот што го има за унапредувања на правата на Албанците во Македонија со спроведување и подржување на Охридскиот рамковен договор“, рече Топи.
Ахмети на средбата го информирал претседателот Топи за унапредувањата на правата на Албанците со примена на Охридскиот рамковен договор, укажувајќи на употребата на албанскиот јазик во Парламентот на Македонија и сите институции избрани од таму, Законот за употреба на знамињата, со што е официјализирана употребата на албанското знаме согласно овие законски одредби за чие непочитување има санкции.