1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети се дистанцира од повикот за палење на македонското државно знаме

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за Дојче веле зборува во врска со жестоките реакции, кои настанаа по прмовирањето на енциклопедијата, како и за односите во владината коалиција.

default

Али Ахмети

Господине Ахмети, Македонија се наоѓа во еден затегнат и наелектризиран општествен момент. Кој и со што го предизвика?

Сите политички сили во земјата треба да придонесат овој провокативен акт со енциклопедијата да не повлијае кон нарушување на климата во Македонија. Треба да се мобилизираат сите прогресивни сили, одговорните и совесни луѓе, овој памфлет да се повлече од оптек – со помош и придонес што треба да го даде самата Академија на науките на Македонија.

Вие дадовте изјава дека „македонската страна го прекршила примирјето од 2001 година со објавувањето на овие навредливи содржини од енциклопедијата“. Што сакавте да кажете со тоа: „прекршено е примирјето“?

Јас не сум рекол дека македонскиот народ го прекршил примирјето, туку сум рекол: „еден неодговорен војник од македонската заедница - академикот Блаже Ристовски го нарушил примирјето меѓу Албанците и Македонците со своето неодговорно истапување“. Осум години по ред во Македонија воопшто не се слушнало дека има кампања против македонската заедница, или на Македонците против албанската заедница. Оваа толку ниска провокација излезе од еден дел од Академијата. Тука не е вмешана целата Академија. Овој документ – енциклопедијата е провокативен и за самиот македонски народ. Тој е штетен и за самата Академија на науките, бидејќи во него се обвинуваат нашите пријатели, нашите најсериозни партнери – Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Со него се провоцираат соседните држави, како што се Албанија и Косово, кои беа први во поддршката за Македонија. Треба да бидеме повнимателни и поодговорни, сите треба да придонесеме да се смири оваа напната ситуација, а енциклопедијата да се повлече.

Во македонската јавност се прошири впечатокот дека таквата ваша изјава за „нарушеното примирје“ беше, условно кажано, повик за нова војна ...

Мојата изјава беше извадена од контекстот и беше злоупотребена . Не знам од кои причини. Земете ги моите изјави во целина, не само оние што сум ги дал за „Клан“ од Косово, туку сите мои изјави, дадени било за медиумите во Македонија, било за медиумите во Албанија. Во врска со она што го говорам јас сум одговорен човек и воопшто не се плашам.

Што ако Никола Груевски не се дистанцира од оваа енциклопедија, што ако МАНУ не ја повлече и ако во енциклопедијата се направат само помали допрецизирања во формулациите?

Во прв ред, треба да седнат раководниот состав на Академијата заедно со академиците од албанската етничка заедница, да го изнализираат, да го разгледаат и да го ревалоризираат овој памфлет, а потоа да ги преземат сите мерки тој да се повлече и да не циркулира повеќе. Јас веќе кажав на симболичен начин: ако овој документ остане таков, тоа ќе биде токму како бомба со часовник, која може да се активира во секое време не само одвнатре, туку и од соседите.

Дали и се закануваат на Македонија политичка криза и криза во меѓуетничките односи?

Во Македонија имаме многу сериозна и многу голема работа, заради реализација на нашите изборни програми, како и работа за надминување на овие недоразбирања што се случија во Македонија. Имаме работа во насока на создавање многу понапредна, многу подобра клима внатре во коалицијата, како и меѓу двете најголеми етнички заедници, кои се најодговорни за судбината и иднината на Македонија.

Сепак, моите контакти на теренот укажуваат на сериозно заладување на односите меѓу Албанците и Македонците?

Се ангажираме оваа провокација со енциклопедијата да не се симне на улица, да не се пренесе меѓу луѓето, кои дејствуваат емоционално. Тука е потребно колку е можно побргу Македонската академија на науките и уметностите и сите политички партии да придонесат за надминување на оваа ситуација.

Како го коментирате повикот на Пандели Мајко од Тирана за палење на македонското државно знаме?

Тоа е многу емотивен повик. Ние се дистанцираме од тој повик, бидејќи не постои никаква одговорност на државното знаме во врска со енциклопедијата. Со тоа ова прашање треба да се затвори.

Дали Вие, како лидер на владејачката албанска партија во Македонија, можете да ги повикате своите сонародници да се воздржат од какви било провокативни акти?

Јас сум упатувал повик, а и сега упатувам, ова прашање да им се препушти, во прв ред, на експертите, на научниците. Тие треба да седнат и со ладнокрвност и мудрост да отворат пат за решавање на оваа проблематика.

Дали може да се случи „политички развод“ меѓу ДУИ и ВМРО ДПМНЕ?

Не мислам дека треба да се случи такво нешто, бидејќи тоа би предизвикало многу големи политички последици и за регионот. Во овој момент треба да најдеме сили - сите страни - за да менаџираме со ситуацијата, да придонесеме овој случај да не послужи за заострување на албанско-македонските односи.

Дали владината коалиција стои на „стаклени нозе“?

Повеќе е од вистина дека Демократската унија е изложена на исклучително голем притисок, поради оваа провокација, што е направена од страна на еден дел од членовите на Академијата. Но, ние треба да бидеме одговорни и внимателни овој случај да не се претвори во конфликт со многу големи последици за Македонија. Мислам дека во Македонија има сили и кај Албанците и кај македонската заедница, кои знаат да менаџираат со таквите провокативни случаи, кои знаат да ги надминат. Треба да се поздрави првиот случај по 2001 година на интелектуалци, одговорни и совесни, на луѓе – патриоти од македонската етничка заедница, кои отворено се дистанцираат и истапуваат против провокациите што се прават со оваа енциклопедија.

Какво значење има, поконкретно, ова што го велите?

Овој момент треба да ни послужи како добар показ за во иднина: јас, како Албанец, треба да реагирам силно, ако се навредуваат моите сограѓани – Македонци, но и Македонците треба да реагираат силно, кога се прават такви провокации кон нивните сограѓани – Албанци. Само така ние можеме да ја одведеме Македонија напред. Треба да реагираме кон провокациите, кон неправдите, кои може да ги прави една заедница, или кој било претставник од македонската заедница, или кој било претставник од албанската заедница.

Европската унија пред неколку дена упати повик за градење „консензуален политички дијалог“ во Македонија. Дали во рамки на владината коалиција сте имале воопшто ваков дијалог досега?

Постојат многу работи за кои ние имаме договор и разбирање. Настојуваме сите работи да ги менаџираме заедно во интерес на државата. Секоја партија, и ВМРО ДПМНЕ и ДУИ имаат свои програми. Но, сигурно е дека во овие програми има многу нешта, кои се заеднички и кои настојуваме да ги менаџираме и да ги реализираме заеднички.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска