1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети: Сега е моментот да се има храброст и да се реши името!

Сега треба да ги затвориме темите кои се во интерес на иднината и добробитта на нашите деца, вели првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој во разговор за ДВ се осврна и на политичкиот амбиент во Македонија.

ДВ: Господине Ахмети, во Берлин имавте средби во германското МНР, а разговаравте и со др. Хојсген, еден од најблиските соработници за надворешната политика на канцеларката Ангела Меркел. Што му пренесовте и каква е порагата на Хојсген до вас и Македонија?
 

Али Ахмети: Точно е! Разговарав со најблискиот соработник на канцеларката Меркел и темите беа: интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ и решавањето на спорот за името како пречка во тој процес. Јас побарав понагласено ангажирање од Германија во смисла да ги охрабри страните за компромис и постигнување решение, со што нашата земја, што е можно поскоро, да добие покана за членство во НАТО и да ги започне пристапните преговори со Унијата. Побарав подобро да се информира канцеларката Меркел дека решавањето на прашањето со името е многу значајно за нас - од него зависи членството во евроатлантските организации, а со тоа и сигурноста и безбедноста на регионот, приливот на инвестиции и економскиот развој.

ДВ: Што Ви порача Др.Хојсген?
 

Али Ахмети: Тој покажа интерес за ова прашање, кое, како рече, му е познато од порано и посочи дека дека ова прашање ќе остане во центарот на вниманието на кабинетот на Меркел, со што би се охрабриле страните за постигнување решение.

Дипломатска офанзива за решение на името

ДВ: И во Берлин, а и во повеќето разговори кои ги имавте  ширум Европа и преку Океанот, централно беше прашањето околу спорот за името. Какво решение за името гледате лично Вие и колку е во согласност со она на коалицискиот партнер?
 

Али Ахмети: Со нашиот коалициски партнер имаме разбирање дека треба да се постигне компромис со грчката страна околу името. Ние како Албанци ги информиравме сите  партии од македонскиот политички блок со кои имиња не се согласуваме. Не се согласуваме земјата да се нарекува Словенска Република Македонија, ни Национална Република Македонија, ниту пак да остане во употреба Поранешна Југословенска Република Македонија. Секој друг компромис за нас е прифатлив. На пример: Горна Република Македонија, Северна Република Македонија и сл.  Моментно има една идеја од посредникот Нимиц и поради таа причина ДУИ ја има и оваа нагласена дипломатска активност, зашто оценуваме дека сега е моментот страните да седнат на заедничка маса. Јас, меѓутоа,  не сум оптимист дека ова прашање ќе се реши сега во јуни со што би ги започнале преговорите за членство во ЕУ. Но сметам дека кога имаме една идеја на маса, тогаш има добра основа да преговараме и да разговараме. Не само Република Македонија, туку целиот Западен Балкан на стогодишнината од Балканските војни, низ кои сите наши народи минаа толку лоши нешта, треба да започнат нова епоха за добра соработка меѓу народите и државите и Балканот да стане дел од Европската Унија.

Ali Ahmeti NO FLASH

Охридскиот договор останува еден од приоритетите!



ДВ: Сакате да кажете дека сега е вистинскиот момент да се направи вистинскиот исчекор во решавање на спотрот со името?
 

Али Ахмети: Не сакам да бидам погрешно разбран  од ниту еден политичар и лидер во земјата, но сакам да кажам дека сега е моментот да имаме храброст и да  ги затвориме значајните теми кои се во корист на добробитта на сите граѓани на Република Македонија и на сите оние кои по нас доаѓаат - за доброто и иднината на нашите деца.

ДВ: Какви последици би имало доколку на подолг рок не се најде компромис околу името?

Али Ахмети: Тоа не би било добро ни за Република Македонија, ниту за Западниот Балкан и не би влијаело добро врз меѓуетничките односи. Задоцнувањето на решението не би било добро ниту за економскиот развој. Би имало двоумење  на странските и домашните инвеститори, а ние имаме токму голема потреба од вложувања и отворање нови работни места. Поради тоа, ние од ДУИ се ангажираме и истоивремено сме загрижени за можните последици доколку се задоцни со решавањето на ова прашање.

Голема Албанијае е големосрпски проект

ДВ: Во Берлин една од темите беше и  имплементирањето на Охридскиот договор.  Дванаесет години потоа - колку проценти според Вас се имплементирани и што останува да се направи?
 

Али Ахмети: Не би сакал да говорам во проценти зашто сметам дека големи мировни договори како Охридскиот не може така да се мерат. Битно е дека духот на Охридскиот договор треба да  доминира. Имаме напредок, но има и потешкотии. Има парашања кои се задоцнети. Меѓутоа сите задоцнувања и незадоволства може да се менаџиратат со разговори, со дијалог, со добро разбирање меѓу страните.

ДВ: Косово и Србија пред повеќе недели постигнаа меѓусебен консензус. Факт е меѓутоа, дека одвреме навреме, од различни лица и на разни страни  воскреснуваат тезите дека сите Албанци на Балканот треба да живат во една држава - Голема Албанија. Како гледате кон ова: реалност е или сон идејата за  Голема Албанија?

Али Ахмети: Проектот  за Голема Албанија е роден во големосрпските центри  на Милошевиќ со цел да се отфрли легалното барање на Албанците кои тогаш живееле во поранешната Југославија. Приоритетните цели на Албанците кои живеат во Република Македонија се:  целосната имплементација на Охридскиот договор, интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ, економскиот развој и градењето здрави меѓуетнички односи меѓу сите кои живеат во земјата: Македонци, Алабанци, Власи, Турци, Роми, Босанци...

ДВ: Најголемата опозициска партија, Социјалдемократскиот сојуз, доби нов лидер кому и му честитавте на изборот. Колку новото раководство  на СДСМ може да  придонесе во конструктивната работа на опозицијата и власта?
 

Али Ахмети: Точно е дека му го честитавме изборот на г. Заев со најдобра желба тој да ја предводи својата партија со програма која  би нудела решенија за многуте проблеми со кои се соочува нашата земја. Ние може да соработуваме, може да имаме и слични ставови со г. Заев и социјадемократите за многу значајни теми како интеграциите во ЕУ и НАТО, заеднички да работиме на унапредување на  меѓуетничките односи. Тоа се значајни теми за соработка и меѓу партиите кои се на власт, но и меѓу нив и опозицијата.
 
ДВ: Демократските сили од Македонија на совест на вашиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ му ги припишуваат декемвриските случувања во Собранието и задушувањето на слободата на медиумите. Сметате ли дека се во право? Имаат ли вистинска европска слобода македонските медиуми?

Али Ахмети: За мене има само една тема која е најзначајна и генерира стабилност, а тоа е решавањето на спорот за името и вклучувањето на Македонија во евроатлантските организации. Со решавањето на главниот, ќе се помогне во надминувањето на сите проблеми  кои ги споменавте!