1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети и Црвенковски со заеднички апел до Груевски

Лидерите на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Бранко Црвенковски, сметаат дека е потребен посериозен пристап кон решавањето на спорот за името. По средбата во мала Речица тие порачаа дека не смее да се пропушти историската шанса.

default

Од средбата меѓу Ахмети и Црвенковски во Мала Речица

„Премиерот Никола Груевски поодговорно, посовесно и посериозно треба да пристапи кон прашањето на решението за спорот околу името со Грција и на добивањето датум за преговори за Македонија за нејзиното евроатлантско интегрирање“. Ова беше, накусо, основната порака што заеднички му ја упатија на Груевски лидерите на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Бранко Црвенковски, кои се сретнаа денеска во седиштето на „интегративците“ во Мала Речица, Тетовско. Ахмети и Црвенковски споделија заедничка констатација дека „Македонија не треба да да ја испушти шансата во овие моменти, историски за неа“.

Средба во функција на охрабрување на Груевски

Mala Recica, Ort nahe Tetovo, Mazedonien

Седиштето на ДУИ во мала Речица

Во одговорите на новинарските прашања Ахмети посочи: „Исто како и Црвенковски, ниту јас, ниту Албанците во Македонија, немаме некоја друга резервна држава, освен Македонија. Ние сме животно заинтересирани таа да го заземе заслуженото место во ЕУ и НАТО. Како Албанци, ние не гледаме издвоено од нашите сограѓани - Македонци на решението на спорот со името“.

Бранко Црвенковски ја искажа својата загриженост, „бидејќи и по еден месец од добивањето на извештајот од Европската комисија за Македонија, се уште нема иницијативи, нема напредок околу спорот за името со Грција“. „Ова може да биде причина датумот за преговори со ЕУ да не се добие, а Македонија да остане закопана, изолирана и надвор од ЕУ и НАТО“ , дополни Црвенковски.

Двајцата лидери ја споделија и констатацијата дека оваа нивна средба не претставувала „сценарио со некаква заднина“, туку дека била „во функција на охрабрување на Груевски“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски