1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ахмети: Грција е заинтересирана за напредокот на Македонија

Според шефот на македонската дипломатија, Попоски, потребен е дијалог за надминување на спорот кој Грција го одбегнува и наоѓа изговори за одолговлекување.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска во Атина имаше средба со грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер Евангелос Венизелос.
„Ова пред се‘ беше многу значаен состанок и многу пријателски разговаравме
за регионалните политики, за инвестициите, како и за интегрирањето на нашата земја и целиот регион на западен Балкан во евроатлантските структури. Република Грција секогаш ќе биде од полза и ќе му помага на регионот да стане дел од НАТО и ЕУ. Истовремено разговаравме и за градењето силни односи со соседите, како и од потребата за соработка на сите политички и економски полиња“, изјави Ахмети по средбата.
Тој информира дека го иницирал и прашањето за името на Македонија затоа што земјата има потреба што е можно побрзо да стане дел од НАТО и ЕУ.
„Тоа е тема која бара залагање од Обединетите Нации, посебно од медијаторот Метју Нимиц кој набргу ќе го посети регионот“, нагласи Ахмети и додаде дека со Венизелос не разговарале за конкретни предлози.
Лидерот на ДУИ смета дека Нимиц е личност која треба да го менаџира проблемот кој и‘ пречи на Македонија да стане членка или да добие покана за членство во НАТО, и да почне преговори за членство во Унијата.
„Ќе почекаме и ќе видиме како ќе се развива ситуацијата по посетата на Нимиц. Остануваме оптимисти дека Нимиц доаѓа со мисија“, рече Ахмети.
Во однос на агендата на грчкото претседателство со Унијата, на која проширувањето не е меѓу приоритетите, Ахмети изјави дека Грција е заинтересирана Македонија да постигне напредок во евроинтеграцијата.
„Грција е заинтересирана нашата земја да ги исполни стандардите кои што ќе
ја доближат до ЕУ. Без разлика дали е тоа во полето на судството или слободата на медиумите, или во внатрешната демократија“, рече Ахмети.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски претходно коментираше дека посетата на Ахмети на Атина е во приватно својство. Според Попоски, битно е да отворат канали за комуникација со Грција.

„Која и да е средба која се однесува на политички претставници од Македонија е корисна за од прва рака да се слушнат барањата и очекувањата од оние кои

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien

Никола Попоски

определуваат како и колку брзо ќе влеземе во НАТО и ЕУ“, изјави Попоски, коментирајќи ја средбата меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети и шефот на грчката дипломатија, Евангелос Венизелос во Атина.

Според него, она што е најзначајно во моментов е да постои отворена комуникација на политичко ниво, за прашање кое на земјата и’ е наметнато надвор од правните рамки и надвор од обврските кои треба да се исполнат за членство во ЕУ и НАТО.

„Во тој контекст беше и адресирано барањето за средба на премиерско ниво, во рамки на дијалогот кои се одвива во ОН, доколку не го подигнеме нивото тогаш сме доведени до ситуација јужниот сосед да одбегнува содржински дијалог и постојано да наоѓа начин на изговор како да се одолговлекува овој процес“, вели Попоски, додавајќи дека Македонија е подготвена да одговори на кој и да е сигнал од Атина за разговор и дијалог, базиран на аргументи и на она што претставува меѓународно правна рамка.